Родители на деца со посебни потреби ноќта ја минаа под отворено небо

21 April, 2017 - 16:27

Под отворено небо, на минус температури Добринка Војдиновска заедно со уште неколку родители на деца со попреченост ја минала ноќта во паркот Жена Борец со надеж дека нејзиниот 20-годишен аутистичен син конечно ќе стане видлив за институците. Меѓу низата проблеми за кои преку кампување спроти Собранието сакаат да го свртат вниманието на јавноста, молат и што поскоро да се отвори Центар за аутизам.

 

„20 години откако го бараме тој центар, никако да го отворат. Кај ќе го носам откако ќе заврши средно образование. Земаме посебен додаток од 4.000 денари, што навистина е смешна сума, бидејќи за трето дете даваат повеќе пари. Партиципација земаме од здравството, а всушност кога ќе одиме по лек го плаќаме приватно, се е на наш трошок. Се што кажуваат е гола вода“, реагира Војдиновска.

 

Уште првиот ден од кампувањето радителите почнаа да добиваат низа ветувња од политичарите. Во координација со надлежните министерства, Фондот за здравство и пратеници формирале и работна група, која ќе инсистира во рамки на институциите да се профункционира посебен сектор кој ќе ги решава нивните проблеми. Но низ годините научиле дека ветувањата често остануваат само на хартија, па затоа работат и на резервна варијанта. Собираат 10.000 потписи за да иницираат законски измени.

 

„Во секој случај би сакале таа книга да ја исполни бројката од 10.000 потписи за промена на на законси и подзаконски акти. Ги повикуваме граѓаните да дојдат и со својот потпис да ни ја дадат неопходната поддршка“, вели Александар Петровски, Здружение „Раст“. 

Дел од барањата што ги упатија од паркот Жена Борец е да се зголерми посебниот додаток за туѓа нега, тој да зависи од здравствената состојба на лицето, а не од возраста. Родител на дете со посебни потреби да има право на пензија со навршени 20 години стаж. Ќе кампуваат до сабота, но и секој нареден месец во истиот период, се до решевање на нивните проблеми.

Весна Јовановска - Дојчиновска

 

 

Веста е прочитана 1516 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.