Режисерка од свој џеб платила дневници на актерки за фестивалот на Кољада

9 July, 2017 - 16:20

Иако фестивалот во Катеринбург ги покривал трошоците за патување, сместување, 4 оброка дневно и изготвување нова сценографија за изведбата на претставата „ Мурлин Мурло“, а Струмичкиот театар ги обезбедил дневниците од по 9 евра за секој од 12 мината во екипата, за актерките Оливера Аризанова Мансбарт и за Анкица Бенинова, тоа не било доволно, се жали режисерката Ана Батева. Според неа, притисокот за поголеми дневници бил присутен и пред заминувањето за Русија, а кулминирал 15 минути пред да тргнат на пат.

„15 минути пред да тргнеме, пред да летаме, дел од актерите не сакаа да дојдат ако не им се дадат по 50 евра дневница. Не знам, таква сума... еве јас и во Бугарија работам, а такво нешто навистина нема. Се јавив во Струмица на едно другарче да даде 150 евра, за да отидеме. Во кеш, на рака им ги даде. Плус што им пуштија од театарот по 50 евра за три дена“, вели Батева.

Поради престој на годишен одмор, Телма не успеа да стапи во контакт со актерката Мансбарт, но го добивме директорот на Струмичкиот театар Драган Маџиров и актерката Анкица Бенинова.

„Ние баравме театарот да обезбеди повеќе сретства преку спонзори, а Ана Батева рече дека таа ќе го спонзорира гостувањето, а не мене лично. Затоа така реагиравме, за да се одбраниме како актери од тоа девалвирање со 9 евра дневница за далечната Русија“, вели Бенинова.

„Однесувањето на актерките е срамно за театарот, за државата и за самите нив. Но, ние отидовме со собраните пари од спонзори и од внатрешни сретства зашто бевме одбиени од Министерството за култура поради периодот на смена на власта. А, распределбата на дневниците беше законска“, вели директорот Драган Маџиров.

Однесувањето на актерките е неодговорно и алчно, а директорот Маџиров нема авторитет за да им се спротивстави, смета режисерката Ана Батева. Додека тоа не се смени, Батева најавува прекин на понатамошната соработка со театарот од Струмица. А, и од таму велат дека повеќе нема да работат со неа.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 6303 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.