Регулаторна се огласи за Макпетрол, не ги дава бараните одговори

19 April, 2017 - 18:51

Со соопштение објавено на интернет страницата, Регулаторната комисија за енергетика се огласи околу случајот со продолжувањето на лиценцата на Макпетрол за складирање на државните резерви со нафта. Комисијата објаснува дека тоа е направено за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјава. Но, во соопштението што го објави на својата веб страница, комисијата и натаму не објаснува врз основа на кои законски одредби ја продолжува лиценцата за складирање, и покрај тоа што компанијата немаше доставено такво барање, а станува и збор за нерегулирана енергетска дејност.

Од Макпетрол немаат коментар на соопштението на Регулаторна, и велат дека остануваат на својот став што вчера го објавија како ценовно чувствителна информација на берзата. Неофицијално, од компанијата соопштението го оценуваат како апсурдно, бидејќи во него се тврди дека РКЕ не му наложува на Макпетрол да ја врши дејноста складирање, доколку од неа трпи штети и загуби. А компанијата вчера беше децидна дека складирањето на нафтени деривати за потребите на државата ја чини околу 1,5 милиони евра годишно, со што и се нанесува штета и неа, и на нејзините акционери.

Дополнително во одговор на прашања на Телма, од регулаторна велат дека тие не се надлежни за надоместот за складирање, а дека лиценцата е продолжена и за да се даде шанса, како што се вели, Макпетрол и Дирекцијата за стокови резерви да го решат спорот околу сопственоста на складиштата.

Регулаторна по втор пат одлучува да му ја продолжи лиценцата за складирање на Макпетрол, на период од една година, иако компанијата не го бара тоа. Комисија при тоа не цитира ниту една законска одредба врз основа на која приватна компанија смее да биде принудувана да ги складира државните резерви со нафта, без притоа таа тоа да го побара, ниту каква врска има наводен спор меѓу два субјекти, со продолжување на лиценцата.

Од друга страна, Владата се уште го нема донесено соодветните подзаконски акти со кои би се утврдил реален надомест за складирањето на нафтените деривати за потребите на државата.

Во Европа и светот, ова е единствен случај приватна компанија без надомест да ги складира државните резерви на нафта. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1433 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.