Загрижувачки ниско ниво на имунизација - ризик од епидемија на мали сипаници

19 April, 2017 - 16:37

Загрижувачки низок процент на вакцинација против Морбили рубеола и Перотит и загрижувачки висок ризик од појава и ширење на овие заболувања. МРП вакцината стана синоним за страв на социјалните мрежи. Антивакциналните интернет кампањи сериозно го намалија опфатот на имунизација. Расте бројот на родители, особено во главниот град, кои веруваат дека вакцината е главниот виновник за порастот на аутистични деца.

„Бројката од 66% опфат никогаш досега не била олку ниска, според статистиката од нашите извештаи воглавно ова се однесува на централното градско подрачје. Апел родителите да ги донесат своите деца на вакцинирање“, вели д-р Татјана Баевска-Вучковиќ.

Ниското ниво на имунизација се должи и на тоа што родителите меѓусебно се советуваат да ја одлагаат МРП вакцината се додека децата не наполнат три години.

„Воопшто нема причина за одложување на вакцината, особено сега во овој период кога знеме дека во западно-европските земји има големи епидемии на морбили, особено Романија каде има и смртни случаи, а  и Бугарија каде имаше еден смртен случај, доволно е само еден случај да се појави во Македонија, морбилите се шират многу брзо веднаш може да добиеме епидемија на морбили“, вели д-р Јованка Костовска.

И фармацевтите со предупредувачки тонови за последиците од антивакциналните кампањи. Тие гарантираат дека МРП вакцината во Македонија е со докажан квалитет.

„Свесни сме за тоа дека секој еден родител за своето дете го сака најдоброто, но верувајте дека во однос на безбедноста, сигурноста, терапевтскиот ефект и нешкодливоста, вакцините велгуваат во онаа категорија лекови кои се апсолутно безбедни во однос на нивната употреба. Сето друго што е асоцирано со несаканите ефекти може да претставува здравствена коинциденција или пак некои други сегменти кои не се директно асоцирани со безбедноста и квалитетот на вакцината“, вели Александра Гроздановска од Фармацевтскиот факултет. 

Според податоците на Комисијата за имунизација, пред воведувањето на МРП вакцината, годишно биле регистрирани по 10.000 случаи на морбили и 7.000 случаи на рубеола. Голем број од нив имале смртен исход. Лекарите предупредуваат дека атнтивакциналните кампањи може да ги вртат ваквите статистики.

Весна Јовановска - Дојчиновска

Веста е прочитана 1266 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.