Продолжува расправата по Ребалансот на Буџетот за 2017

18 July, 2017 - 09:45

Расправата по Ребалансот на Буџетот за 2017 година продолжува денеска во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вчера образложи дека основна цел на предложениот ребаланс е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

Вкупните приходи во првите шест месеци се 86,4 милијарди денари што е 46 отсто во однос на планираното, а расходите се 94,6 милијарди денари.

Министерот истакна дека на расходната страна сериозно намалување има кај расходите за стоки и услуги кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција.

- Направени се кратења за службени патувања, репрезентација, економски презентации и рекламирање, рече Тевдовски.

За капиталните расходи истакна дека тие во првата половина сериозно потфрлиле и оти се реализирани 8,7 милијарди денари или 32 проценти од годишно планираното со буџетот.

Со ребалансот, како што рече,  се планирани 23,4 милијарди денари за капитални расходи и поради ниската реализација во првата половина од годината извршено е намалување кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација. Но, сепак, смета, планираното на капитални расходи е значајно ако се спореди со реализацијата во последните четири години каде што никогаш не надминала 19 милијарди денари.

Тој во однос на преземените, а неплатени обврски од претходната власт информира дека до крајот на неделата Министерството за финансии ќе ги објави и оти во моментов се договара проект со Светска банка за „чистење“ на ваквите обврски.

Растот на економијата со ребалансот е ревидиран на 2,2 проценти за годинава, а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,9 проценти од БДП.

За предложниот ребаланс мнозинството во расправата даде поддршка, а пратениците од опозицијата сметаат дека тој не е реформски и оти се кратат средства од капитални инвестиции за сметка на партиски вработувања.

Расправата по ребалансот во Комисијата според Деловникот трае 10 работни дена.

Веста е прочитана 1035 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.