Мршојадците ја проблематизираа изградбата на експресниот пат Прилеп - Градско

6 July, 2017 - 15:51

Се проблематизира и изградбата на експресниот пат Прилеп - Градско. Министерот за транспорт Горан Сугаревски денеска обелодени дека проектот има проблеми и со наплатата и со трасата, како што тоа е случај со автопатот Охрид Кичево. Претставниците на шпанската компанија „Костракшн рубау“ која ги врши градежните работи на дел од овој патен правец, на Сугаревски му се пожалиле на сериозни проблеми со наплата на средства од страна на ЈП Државни патишта.Доколку долгот не се реши , не ја исклучиле можноста да ја сопрат работата на патот.

„На средбата со шпанскиот амабасадор и градежната компанија беа предочени проблеми и со проектот за експресниот пат и во наплатата на средствата. Ќе се прави целосна анализа по што ќе излезам со детали. Очигледно се работи за слични проблеми како со автопатот Кичево Охрид“, рече министерот Сугаревски.

Директорот Александар Стојанов за Телма тврди дека ЈП Државни Патишта нема долг кон фирмата Рубау. Трасата на експресниот пат не е промашена дециден е тој. Сепак признава дека интензитетот на работа е намален поради што се очекува пролонгирање на изградбата на делницата но не и зголемување на цената на проектот.

„Проблемите што се појавија при изведба на проектот се однесуваат на отворање на неевидентирани археолошки наоѓалишта на три локации за кои Националниот Конзерваторски Центар издаде решение за времен прекин на градежните работи. Забраната се однесува на 15% од вкупната должина на трасата и на едно одлагалиште. Исто така се појавија проблеми од гео-техничка природа на неколку темели. Рокот на изведба се очекува да се продолжи поради забрана за гласни работи во Дреновската клисура кои се однесуваат на заштита на животната средина, гнездење на Египетските мршојади во период од 15 март до 15 септември, забраната поради отворените археолошки наогалишта, исклучително студената зима и обилните дождови и др.“, вели Стојанов.

Новиот експресен пат треба да биде долг 33,5 километри, ќе чини 70 милиони евра а во моментов се изведува првата фаза од Дреново до Фалиш во должина од 10 километри. Изградбата на Автопатот Кичево - Охрид речиси е сопрена. По констатираните нестабилни косини, потребата од дополнителна потпора на мостовите и појавата на свлечиште, на делницата според министерот Сугаревски се вршат само минимални градежни активности. Поради овие и слични проблеми тој најави сериозна и длабинска анализа на сите делници кои се градат во државата.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 4797 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.