Пробиени роковите од планот 3-6-9

20 October, 2017 - 21:33

Рокот за доставување на одговорите од прашалникот кој истече уште пред 3 дена беше поставен од самиот Секретаријат за европски прашања. Цeлиот процес во овој момент е во фаза на сублимирање на добиените материјали од надлежните институции и проверка на прилозите. Секретаријатот го оправдува доцнењето со според нив објективни причини, но и со отстапница во однос на крајниот датум

“Треба да се има предвид дека станува збор за извонредно обемен материјал, кој во следниот период треба да се прегледа, да се утврди квалитетот на прилозите. Комплетираните прилози на англиски јазик, треба да се достават до Европската комисија до 3 ноември со можност за дополнувања и по тој датум, во случај на напредок на клучните подрачја опфатени со извештајот на Европската комисија“, тврдат од СЕП.

Токму од одговорите на овие прашалници ќе зависи извештајот на Европската комисија. Очекувањата на владата се дека ќе има вонреден извештај за Македонија во декември, со што ќе се тргне условената препорака

„Добар знак е што повторно стануваме фокус на ЕК, а ваквиот прашалник го докажува тоа. Агендите и реформите на Македонија се од голем интерес“, изјави Диана Жупаноска Центар за европски стратегии- ЕВРОТИНК.  

Според Жупаноска, одговорите на овој прашалник се всушност одговори за степенот на исполнетост на мерките предвидени со планот 3- 6 9. Како особено важно ја посочува потребата од вклучување на експертската јавност и граѓанскиот сектор во одговорите.

Иако граѓанските организации беа вклучени во подготовките на  целите и приоритетите кои треба да ги постигне планот 3 -6-9 , не беа консултирани во изработката на новиот закон кој ќе го регулира прислушувањето. На овој начин процесот почна лошо, со исклучување на невладиниот сектор од процесот на реформа на системот, забележа професорот Гордан Калајџиев.

Според МВР во тек се активности за надминување на недостатоците кои се однесуваат на реформата на системот за следење на комуникациите , како и исполнување на превземените обврски од итните реформски приоритети

„Министерството е секогаш отворено за соработка и токму затоа нашата цел е законските решенија да бидат дискутирани и разгледувани на средби со граѓанските организации и јавноста уште пред тие да бидат доставени до Владата, односно Собранието, соопштија од МВР“.

Во меѓувреме, вчера беше завршена конечната верзија на нацрт стратегијата за реформи во судкиот систем. Според професорката Ана Павловска Данева, таа се прилагодувала според сугестииите и забелешките на домашни и странски експерти.

При Презентирањето на планот 3-6-9, Владата изрази очекување дека надлежните институции ќе одговорат на поставените задачи во однос на реформите. Целта на планот е амбициозен - треба да ги отвори перспективите на Македонија кон ЕУ и кон НАТО.

Професорот Калајџиев од своја страна вчера забележа дека Советот за реформи каде тој е еден од членовите не функционира бидејќи имаат разалични ставови за некои од решенијата. Според Данева, стратегијата добила зелено светло од Советот, што како што вели може да се толкува за негов добар однос со министерството.

Сања Јовановиќ Дамјановска

 

Веста е прочитана 5602 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.