Претходната власт потрошила 80 % од буџетот за култура

28 July, 2017 - 16:12

Министерството за култура е во многу лоша финансиска состојба, се пожали денеска министерот Роберт Алаѓозовски. Спроведената евалуација за работењето на овој ресор, до 1 јуни оваа година, покажала дека 80% од буџетот за култура или околу 2,2 милијарди денари дала претходната власт на вонинституционалните корисници.

Дел од сретставата се давани со склучени анекс договори со што сумите за проектите се зголемени, а дел добиле пари за проекти кои допрва треба да се реализираат, вели ресорниот министер.

„Шеесетина установи од национален интерес, не се дел од структурата на овој долг. Тој е направен само врз база на дејностите кои што се покриваат во Министерството, врз база на т.н. капитални проекти, јавни набавки и инвестиции“, рече министерот Алаѓозовски.

Kонечната сума на долгот, допрва ќе се дознае, откако ќе се утврди како се работело во националните установи од културата, по што од сите евентуални сторители ќе се бара одговорност. За таа цел, Министерството испрати барање до Државниот завод за ревизија, да направи вонредна ревизија на регуларноста на неговото работењето.

„Барањето ќе биде разгледано во контекст на годишната програма за ревизија и ќе се утврди дали по истото ќе се постапи специјално, или ќе биде предмет на првата наредна ревизија на субјектот“, велат од Државниот завод за ревизија.

Ревизијата од ДЗР ќе биде прва по 6 години, направена во овој ресор. ВМРО ДПМНЕ го охрабрува министерот Алаѓозовски да направи ревизија, бидејќи како што велат, за време на нивниот мандат во културата се работело строго според законот.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1740 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.