Пресудата за Младиќ се очекува утре

21 November, 2017 - 21:39

По 523 денови судски процес, рочишта и сослушувања, на кои можеа да се слушнат ужасни сведоштва за воени злосторства, утре во 10 часот претпладне, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, ќе ја донесе пресудата за Ратко Младиќ. Генералот Младиќ е обвинет по 11 точки за геноцид и воени злосторства во конфликтот при распадот на Југославија. Претставници на Мајките од Сребреница, како и останатите здруженија, пристигнаа во Хаг, за да ја слушнат пресудата.

„Мораме да бараме сите злосторници, кои извршиле злосторства, геноцид, да имаат имиња и презимиња како воени злосторници, исто како што и нашите деца имаат имиња и презимиња како жртви“, вели претседателката на „Мајки од Сребреница Мунира Субашиќ.

Утрешната пресуда е последна за трибуналот, кој до крајот на годината треба да се затвори. Главниот обвинител Серж Брамерц, тврди дека пресудата на Младиќ, заедно со пресудата на Караџиќ, се најважните во историјата на трибуналот.

„Мислам дека е многу важно овој процес, мислам овој процес веќе заврши минатата година, важно е што оваа пресуда доаѓа. Мислам дека жртвите и преживеаните заслужуваат да ја слушнат пресудата на судиите“, оценува Брамерц.

Одбраната верува дека изградила цврст случај и очекува ослободителна пресуда. Како главни докази за неговата невиност ги посочија неговите писмени наредби до подредените, во врска со третманот на заробениците, како и неговото учество во евакуацијата на цивилите од Сребреница и Зепа.

„Веруваме дека претставивме цврст случај за невиноста на генералот по овие точки. Не треба ние да докажеме невиност, обвинителството треба да ја докаже вината. Мислиме дека тоа што се разликува во нашиот случај, во споредба со некои од другите случаи е тоа што ги имаме стрикните наредби на генералот Младиќ“, тврди адвокатот Драган Иветиќ.

Трибуналот претходно осуди офицери под команда на Младиќ за нивното учество во масакрот во Сребреница, како и за опсадата и гранатирањето на Сараево. Осудени покрај воените лица беа и политичките лидери на Босанските Срби, пред се Билјана Плавшиќ и секако, Радован Караџиќ.

„Јас бев претседател тогаш и го натерав да се пензионира. Индивидуалците не се важни, не јас, не Младиќ, не Караџиќ. Ја добивме таа војна и на борбената линија и на дипломатската маса“, смета Плавшиќ.

Одбраната најавува жалба, доколку Младиќ биде осуден. Тие бараа одложување на пресудата, поради нарушеното здравје на Генералот, кој има претрпено два мозочни и еден срцев удар.

„Јас сум адвокат, не сум лекар, но се консултирав не со еден, не со двајца, не со тројца, туку со повеќе лекари од кои сите рекоа дека стандардот на нега, што ја има добиено, ако беше во било која друга држава, ќе беше медицинска негрижа“, додава Иветиќ.

Мајките и роднините на жртвите кои допатуваа во Хаг, се надеваат дека ќе се соочат со човекот кого го обвинуваат за смртта на нивните најблиски, во моментот кога ќе биде осуден. Сега постои можност тој воопшто да не се појави на изрекувањето на пресудата.

„Важно е да добие пресуда и да се каже дека тоа беше злостор, односно дека тој бил злосторник и дека го направил тоа што требало да го запре, да не се изврши, геноцид не се случи само во Сребреница, туку во цела Босна и Херцеговина, над Бошњаците и Хрватите“, вели Муневера Авдиќ од Асоцијација на Мајки од Котор Варош.

За обвинителството Младиќ е централна фигура во масакрот во Сребреница  во 1995 година и во кампањата за етничко чистење, како и дека ја оркестрирал 44 месечната опсада на Сараево. Од самото негово апсење и почетокот на процесот Младиќ остана пркосен, се извини за невините жртви но рече дека ја бранел својата држава и својот народ.

Обвиненијата против него беа покренати во 1995 година, но беше уапсен по дури 16 години, во 2011 година. 74 годишниот поранешен Генерал е делумно парализиран, ограничен во неговата мала ќелија тој многу ретко зборува за процесот и неговите адвокати изразија сомнеж дека тој воопшто ја разбира сериозноста на ситуацијата. Одбраната бара ослободување, додека обвинителството бара доживотна казна. Со неговата пресуда сигурно ќе се затвори трибуналот, но затворањето на тоа болно поглавје од балканската историја, е далеку покомплициран процес.

Игор Трајков

Веста е прочитана 986 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.