Преку повисоки плати за сите граѓани, до повисок раст

13 June, 2017 - 19:58

Платите да растат, но не само за поединци, туку за мнозинството граѓани, само така ќе се зголеми животниот стандард. Врвни професори и претставници на невладиниот сектор се собраа денес да одберат најдобар начин како Македонија и другите земји од Западен Балкан, долги години разорувани од војни и конфликти, да го намалат јазот со европските држави во економскиот раст.

Просечните плати во Македонија се најниски во регионот, тоа мора да се промени, вели министерот Тевдовски.

„Во Македонија платите досега беа многу ниски, најниски во регионот, што не е во ред. Идејата е да се направи притисок дека платите треба да растат, бидејќи тоа не е само трошок за фирмите, туку од друга страсна ќе ја зголеми потрошувачката, што е добро за економијата и за фирмите. Имаме серија мерки, меѓу кои првата е зголемување на минималната плата, што ќе направи почетен притисок платите да растат“, вели Тевдовски.

Странските експерти советуваат фокусирана индустриска политика, квалитетно образование и администрација, сериозни мерки на пазарот на труд.  

„Македонија имаше граѓанска војна во 2001, но и лоши последици од политичката нестабилност во целиот регион. Затоа не привлече многу повеќе директни инвестиции. Политичката стабилност е фактор број еден за сите земји од регионот побрзо да се развиваат“, рече Увалиќ.

Таа додава дека стапките на вработеност во земјава и во цел регион се многу ниски, околу 50 отсто, а Европа се стреми тие да достигнат до 75 отсто до 2020 година.

Од Фридрих Еберт порачаа властите да носат одлуки во интерес на сите граѓани.

„Досега само мал број лица одлучувале за креирање на политиките. Инклузивните политики не се однесуваат само на мала група граѓани, туку на сите, без разлика за кого гласале“, вели Живковиќ.

Првиот квартал земјава го заврши со нула стапка на раст, колку тој може да достигне годинава Тевдовски е воздржан, но уверува дека Владата знае што прави. Фирмите почнуваат да вложуваат, што за прв пат после долг период на економска замрзнатост, е сигнал за раздвижување на економијата. За тоа треба да придонесе и сегашниот брз поврат на ДДВ, вели министерот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 3826 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.