Преку фирмата на Крпач набавено „Жолтото комбе“ на УБК

23 September, 2017 - 20:11

Застреланиот Коста Крпач  како управител на фирмата Финзи набавил возило за мобилно прислушување за потребите на Управата за безбедност и контраразузнавање. Набавката е дел од обвинението на СЈО за истрагата Трезор во кое обвинети се Сашо Мијалков, Тони Јакимовски и Горан Грујовски. Дојче веле повикувајќи се на извори од истрагата објави дека тоа специјализирано комби всушност е -„Жолтото комбе“ кое стана синоним за неаргументираната одбрана на Владата на Никола Груевски за масовното прислушување на над 20.000 граѓани, наводно командувано за потребите на „странски служби“.

Од СЈО не коментираа на оваа тема, а нема ниту коментар од УБК. Таканареченото жолто комбе кое прислушувало во центарот на Скопје го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кога беше објавен случајот Пуч. Во обвинението на СЈО за Трезор стои дека анекс договорот со Финзи е потпишан на 8-ми јуни 2012-та година и дека е набавено нешто што го немало во спецификацијата на набавката.

-Обвинетиот Г.Г. (Горан Грујовски) изготвил допис-барање за доопремување на системската единица за подвижен видео надзор, насловено до Сектор при Министерството, кој допис е даден на потпис на обвинетиот Т.Ј. (Тони Јакимовски) и истиот ставил своерачен потпис и печат на барањето заведено со бр... од 08.06.2012 година, па по поднесеното барање потпишано од обвинетиот Т.Ј. и изготвување на анексот број... од страна на службите на Управата, помеѓу Министерството застапувано од сведокот Ѓ.П. и правното лице ДТУ Ф.(Финзи) ДООЕЛ С. претставувано од тогашниот управител К.К. (Коста Крпач). на 09.07.2012 година склучен е анекс, пишува во обвинението на СЈО за „Трезор“

Крпач го потпишал договорот и анкесот за набавка на подвижното возило. Неговата мистериозна смрт според обвинителството е заведена како самоубиство. Во обвинението не е јасно наведено дали има изјава од Крпач како доказ. Комбето е купено од британската фирма Гама, а на нивниот веб сајт нема повеќе слики за тоа како изгледа комбе за подвижно следење комуникации. Ова е слика и опис на услуга која можело да се набави од Гама во тоа време, специјализирано комбе за набљудување кое може да биде набавено само од држава, а не и од приватна фирма. Секое возило се прави посебно според потребите на нарачателот. Дојче Веле повикувајќи се на свои извори тврди дека биле барани дополнителни две седишта внатре како и вграден тоалет за корисниците на опремата. Во истиот текст се наведува дека биле барани и специјални заштитни стакла за возилото, видео сервер, видео модем, неколку монитори, стабилизатор на слика, контролен приемник, тетра радио, антена-преклопник, специјални батерии, засилувачи на сигнали и звук и друга опрема. Според обвинението на СЈО анкесот тежел над 47 милиони денари или околу 770 илјади евра, а штетата за буџетот поради набавката на возилото преку приватна фирма, наместо преку државен орган изнесува над 13 милиони денари или околу 215 илјади евра. Тие пари според СЈО се штетата која екс директорот и началниците на УБК ја направиле само со анексот за набавка на тајното полициско жолто комбе кое многу малку се користело и поради необучени луѓе и поради брзо застарување на техниката.

Миомир Серафиновиќ 

Веста е прочитана 1358 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.