Преговорите за Влада се во тек

19 May, 2017 - 18:29

Како што дојде, молкум и со насмевка, така и го напушти седиштето на СДСМ на „Бихаќка“. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, имаше речиси двоипол часовна средба со мандатарот Зоран Заев, но не  сакаше да одговара на новинарските прашања. СДСМ соопшти дека биле договарани принципите на соработка, реформската Влада и ЕУ и НАТО интеграциите и дека наредните денови, разговорите ќе се интензивираат. Ова беше официјалниот почеток на преговорите меѓу партиите од парламентарното мнозинство за составување Влада. Иако планираат да ја изберат за десетина дена, сега велат дека сеуште не е зрело да се говори за поделба на ресори и за кадровски решенија.

Откако си замина од „Бихаќка“, Ахмети се сретна со заменик-амбасадорот на САД, Микаела Швајцер Блум и со евро-амбасадорот Самуел Жбогар. Им најавил дека првите чекори на парламентарното мнозинство ќе бидат решавање на застојот во локалната власт и укинувањето на екстерното тестирање.

Викендов, Заев ќе се сретне со Билал Касами, за да договори дали БЕСА активно ќе учествува во Владата или ќе ги поддржува нејзините проекти, а по враќањето на Зијадин Села од лекувањето во Албанија, ќе има средба и со него. Неофицијално, мандатарот планира да го намали бројот на министри од сегашните 26. На партиите на албанците веројатно ќе им припаднат  една третина од министерските места. Од редовите на СДСМ, кандидати за министри речиси сигурно се Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Љупчо Николовски,   Драган Тевдовски ... Од редовите на ДУИ, се типува на Теута Арифи, Изет Меџити, Арбр Адеми. Алијансата ќе инсистира на ресорот здравство, за кој ќе го кандидира Арбен Таравари. Конечен договор за ресорите ќе има откако БЕСА ќе реши дали влегува во Владата.

Заев има рок до 6-ти јуни да поднесе до Собранието предлог состав на Владата и програма. Но, тој изрази уверување дека преговорите ќе завршат за десетина дена и дека до крајот на месецот веројатно ќе биде избрана новата Влада.

Соња Николовска

Веста е прочитана 5208 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.