Преговорите за Влада почнуваат утре

18 May, 2017 - 15:57

 

Преговорите за програмата и составот на новата Влада формално почнуваат утре. Мандатарот Зоран Заев планира прво да се сретне со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а потоа и со другите лидери. Паралелно, работни групи од партиите што ќе ја сочинуваат Владата, ќе ги договараат деталите.

Денешниот ден партиите го користат за внатре-партиски консултации. Во   СДСМ паралелно се прават подготовки за Владата и за Конгресот, бидејќи некои партиски и државни функции се неспоиви. Речиси е сигурно дека генералниот секретар Оливер Спасовски ќе биде дел и од новата Влада. Доколку во меѓупартиската поделба, СДСМ го добие ресорот МВР, Спасовски ќе биде министер, а ако остане кај ДУИ, тој ќе биде заменик. Во секој случај, се очекува тој да даде оставка од партиската функција. Позицијата генерален секретар најверојатно ќе му припадне на Љупчо Николовски, поранешен дополнителен заменик во ресорот Земјоделство; доколку и тој не влезе во составот на новата Влада.

Од пратеничките клупи речиси сигурно заминува и заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, зад којај има големо искуство и во Собранието и во Владата. Веројатно во Собранието недоволно е искористено и знаењето на унивезритетската професорка Рената Треневска Десковска, па треба да се очекува министерска позиција и за неа. За ресорите, ќе се разговара. Официјално,  СДСМ не соопштува детали, но не ја отфрла можноста за министри да бидат предложени стручни лица од професорската фела, од невладиниот сектор и од стопанските комори.

Во партиите на албанците исто така владее голема кадровска неизвесност, особено што не е постигнат договор ниту за ресорите. Најважно прашање е каква ќе биде дефинитивната одлука на Движењето БЕСА: дали ќе биде активен учесник во Владата или само поддржувач и гласач на нејзините проекти.

Соња Николовска

Веста е прочитана 937 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.