Предлог закон за прислушување како од филмови

27 November, 2017 - 21:44

Вака сме гледале на филмови, но со новиот предлог закон за следење на комуникации предвидени се и вакви постапки. Во делот за прислушување заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата, од МВР предлагаат не само да се следат телефонски и електронски комуникации како досега, туку и во внатрешност на објекти и звучно и филмско снимање на јавни места.

Член 17 од Нацрт Закон за следење на комуникации

Мерки за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата се:

1. следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации;

2. надзор и техничко снимање на внатрешноста на објекти, затворени простории и предмети и влез во тие објекти, затворени простории и предмети, заради создавање услови за спроведување на мерката;

3. следење и набљудување со светлосно снимање на лица на отворен простор и на јавни места и

4. следење и набљудување со звучно снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор и на јавни места.

Досега вакви во филмови гледани постапки за прибирање информации никогаш не биле регулирани и дозволени со закон. Во делот за прислушување за безбедност на државата оставени се уште неколку „прозорци“ низ кои може да се протне злоупотреба. Првин во такви можности се остава и превентивно прислушување за да се спречат евентуални насилни инциденти и терористички напади. Државниот обвинител може да бара, Врховниот суд да одобри и тоа прислушување да трае до 6 месеци, а во законот не е предвидено обвинителот да изврши проверка дали законски се прислушува.

Тоа е сосема спротивно од постапката за прислушување во кривични истраги кога обвинителот има законска можност за проверка како се прислушува. Покрај тоа за безбедносно прислушување, дозвола ќе бараат лица поставени од политички фигури, од министрите за внатрешни работи и за одбрана додека во анти-криминалното следење на комуникации – дозвола бара оној што ја води истрагата. Оставена е и можноста обвинителството да бара мета податоци за мобилен телефон, нешто што Европа веќе го има укинато.

Вкупно 5 закони ќе го регулираат следењето, покрај нов закон за следење на комуникации ќе има и потполно нов Закон за оперативно техничка агенција, скратено ОТА. Односно по УБК сега ќе има ОТА во неа според првичните најави ќе има 50-тина досегашни вработени во УБК. За сите работни места по систематизацијата на ОТА за кои се предвидени овластени службени лица, нема да има конкурс за вработување. Така, ќе нема јавен оглас за сегашните вработени во УБК кои ќе добијат трансфер во новата агенција ОТА. Овие решенија се донесени и сега се претставени пред јавноста, невладините го критикуваат и тој момент - зошто МВР кое е обвинето за злоупотреби само го избра моделот и ги напиша законите без да вклучи невладин сектор и експерти.

Најголем проблем остана и тоа што законодавецот повторно овозможува целиот сообраќај да биде префрлен кон службата ОТА, а истата таа можност досега ја имаше УБК.

Позитивната измена е подобрениот надзор на прислушувањето, оценува Николов. Пратениците ќе имаат можност кога сакаат да го надгледуваат процесот, а ќе има и граѓански совет за надзор.

Миомир Серафиновиќ 

Веста е прочитана 4205 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.