Пратениците поднесуваат жалби на притворот

6 December, 2017 - 16:06

Адвокатите на шестмината пратеници подготвуваат жалби за ослободување од домашен и од затворски притвор, од обвинителството за организиран криминал тврдат дека нема да ги обжалат судските одлуки за домашен притвор. Од вчера попладне во притвор се пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, двајцата кои ги отворија собраниските врати на 27-ми април. Во Шутка е и Љубен Арнаудовски. Останатите тројца Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски се во домашен притвор. Нивните адвокати сметаат дека сите шестмина ниту ќе избегаат, ниту пак може да влијаат на истрага или да го повторат делото.

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ притворот за шестмината пратеници е ужас и тежок преседан, збогатен со незаконско приведување на 5 проценти од народни избраници. Груевски апелира до судството, обвинителството и пред се владата, која според него се ставила под контрола, да не прави вакви работи и да гради недемократски режим.

Пратениците се дел од 35-те осомничени за кривично дело против државата „терористичко загрозување на уставниот поредок“. Тој член 313 од Кривичниот законик не треба да прави забуна меѓу граѓаните кои го мешаат со класичен тероризам, во него е прецизно опишано што значи тоа дело, оценува поранешната судијка во Стразбур, Цаца-Николовска.

Таа вели дека случувањата од 27-ми април ги следеа и граѓаните во живо на телевизија, но на крај обвинителството ќе одлучи кого и за какво дело ќе гони. Иако тогаш не се појави на телевизија, првоосомничен за крвавиот четврток е екс-министерот Митко Чавков и тогашен директор на полицијата. Осомничени се и полицајци, началници, разузнавачи, како и луѓе со криминално досие. Шестмина се уште се недостапни.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 441 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.