Пожарот кај Кондово е изгаснат, жителите го обвинуваат градоначалникот

13 August, 2017 - 15:33

Расфрланите шишиња утрово, на калливиот земјен пат над селото Кондово, сведочат за страшната огнена стихија со која жителите се бореле до раните утрински часови. Пожарот избувнал вчера попладне, а поради ветрот синоќа се проширил до првите куќи во селото. На ова видео што го доби Телма, се гледаат пламените јазици кои им се заканувале на селаните , поради што дел од нив беа евакуирани . Жителите чии куќи се близу линијата каде стигнал огнот, велат дека поминале тешка ноќ.

„Катастрофа. Се беше во пламен, не можеш да влезеш, луѓето се гушеа... Сите трчавме, ама не можевме . Се креваше висок пламен, ветерот дуваше“, изјави Исмет Саити-жител на Кондово..

„ Стрес за децата, за нас. Еве јас сум срцев болесник. Избегав. Како сме бегале, како во хорор филм“, раскажува Ајтана Саити.

„Од малку пламен, од ветрот го однесе пожарот и се обидовме ние да го угасиме, ама многу беше силен пламенот. Немавме никаква среќа. Паравме помош од пожарната. Дојдоа тие. И тие не можеа. Но се трудеа да го угаснат“, велиу  кондовецот Идриз Изибели.

Пожарот над Кондово се разгорел пред 5 дена, објаснуваат жителите. Тие сметаат дека градоначалниот на Сарај требало да реагира порано. А, од Општината Сарај велат дека излегле на терен секаде каде што требало , но без помош од Град Скопје, не можеле ништо да превземат.

„ Оштина Сарај не поседува противпожарна единица зашто ни сме во склоп на Град Скопје. Пожарникарите на Град Скопје интервенираа во секое населено, опожарено место и благодарение на нив пожарот во Кондово беше ставен под контрола“ изјави Беким Мурати – градоначалник на Општина Сарај.

Поради пожарот, електричната енергија во селото била исклучена , а напуштените домови биле нападнати од крадци.

„ Имаше и некои крадци. Така, нападнаа куќи. Тие моментот го бараат. Полицијата ги бркаше и толку“ вели Фадил Адеми.

Но, од МВР велат дека до сега кај нив нема стигнато пријави за кражби во Кондово.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК)  потврдуваат дека најголемиот број пожари во земјава сега се изгаснати.

„ Пожарите кои беа активни во најголем дел се изгаснати, вклучувајќи го и пожарот во Кондово, кој се разгоре синоќа во доцните часови. Според официјалните информации , за среќа нема опожарени куќи“ изјави Надица Вчкова, портпарол на ЦУК.

Во гаснењето на пожарот кај Кондово, беа вклучени 4 цистерни, 20 пожарникари, 9 возила на Територијалната противпожарна единица, 4 возила со 20 –тина лица од ДЗС и 50 лица од месното население.

 

Новинар: Сотир Трајков

Снимател: Сотир Ивановски

 

 

Веста е прочитана 3193 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.