Повикот за војна-заблуда, експлозив му требал за нива. Актерот Владо Јовановски ги правда своите статуси, фелата го осудува

16 February, 2017 - 16:04

„ЌЕ ИМА ВОЈНА.НОВА ВОЈНА ЌЕ ИМА. ЦРПКООО НИКОЈ НЕ САКА ВО ТВОЈАТА КОЖА ДА БИДЕ“ –со овие зборови актерот Владо Јовановски го завршува својот пост на Фејсбук во кој го обвинува Заев дека е Фауст од Муртино кој своерачно потпишал со крвта на загинатите бранители.

Веднаш по првиот пост, актерот Јовановски преку Фејсбук се распрашуваше: „КОЛКУ ЧИНИ ПЛАСТИЧЕН ЕКСПЛОЗИВ НА ЦРНИОТ ПАЗАР“. 

Актерот Сашо Тасевски по фејсбук му одговори дека експлозивот чини многу помалку од лекувањето на Тамара, од смртта на Нешковски, дека е поефтин и од сите млади кои си заминале.

Колегите и најголемиот дел од јавноста го оценија мислењето на Јовановски како повик за војна.

-Ние актерите сме еуфорични кога настапуваме во јавноста, тоа можеби е првата причина за ова на Владо. Втората можност е тој да е изманипулиран, злоупотребен од тој центар за комуникација што јас го нарекувам центар за манипулации лаги. Би сакал да не е ова второто причина за неговиот став, ни изјави Марин Бабиќ.  

Но Јовановски не се откажа од своето мислење. Го контактиравме по телефон, за војната вика: во заблуда се оние кои мислеле дека тој повикува на војна.

-Како свесно битие по изјава на конгресмен за поделба на Македонија што е помогнато и од наши граѓани се јавува стравување кај мене и кај Македонците дека мора да се одговори ако некој сака да ја дели државата. А поделбата не може да дојде без војна“- се објаснува Јовановски кој вели дека Заев не треба да се плаши оти тој лидерот на СДСМ не е херој во оваа фарса за Македонија.

Пластичниот експлозив го оправдува со градежни активности на својата нива. Беше сериозен како да верува во следнава негова приказна.

-Имам карпа на моја нива оставена од дедо ми, сакам со експлозив да ја урнам и нивата да ја прогласам за своја држава како што е Сан Марино среде Италија. Потоа за влез во мојата држава од секој политичар како другарот Заев ќе барам тапија, документ од психијатар дека е здрав“- ја релативизира својата објава за набавка на експлозив.

Се обративме и до обвинителството и до директорот на МНТ каде е вработен Јовановски. Но никој не ни одговори дали тоа што го мислел и го напишал Јовановски се коси со кривичниот законик или влијае на имиџот на театарот каде што треба да твори.

Актерот Бабиќ вели дека од обвинителството во Македонија не треба да се очекува постапка, но и дека актерската игра на Јовановски не треба да биде ликвидирана како што му се случило нему во 2012-та кога искажал поинакво мислење од власта на ВМРО-ДПМНЕ.

-Мислам дека театарот треба да преземе нешто, но мислам и дека не смее жртвата на тоа да биде актерот Владо Јовановски, кој е добар актер, нешто што во овие моменти во државата ни треба, вели Марин Бабиќ.

Досега во Македонија никогаш јавна личност не одговарала за свои ставови со говор на омраза и повици за насилство, во Америка например Мел Гипсон беше исфрлен од Холивуд со години за своите антисемитски изјави кажани во семејна расправија.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 14983 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.