Повиците за импичмент на Трамп се погласни

17 May, 2017 - 16:12

Претседателот Доналд Трамп, побарал од поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми да ја запре истрагата против Мајкл Флин. Наводите, прво на Њујорк тајмс а потоа и на останатите американски медиуми, произлегуваат од белешка на Коми направена веднаш по разговорот воден во Белата куќа во февруари, еден ден откако Флин си поднесе оставка.

„Најпрво тој требало да оди кај јавниот обинител, можел тоа да го направи. Секако можел за тоа да разговара и со членови на Конгресот кои се претседавачи на релевантните комисии и да им каже „ставен сум во неодржлива позиција“, смета Џејмс Рубин – поранешен Помошник Државен секретар.

Белешката на Коми предизвика нов скандал и покрена низа прашања за мотивот на Трамп, ако се земе предвид дека истрагата на ФБИ ги разгледуваше финансиските трансакции на сметката на Флин од лоби групи кои ги застапуваат руските и турските интереси во Вашингтон и наводното мешање на Русија во изборниот процес.

„Едно од прашањата е дали барањето на претседателот може да се смета како попречување на правдата? А другото прашање е кое е правното значење на белешката?“ вели Кетрин Луси – дописник од Белата куќа за АП. 

Демократите инсистираат дека смената на Коми во екот на истрагата претставува знак дека претседателот сака да ја запре целата истражна постапка. Откривањето на белешката на Коми доаѓа еден ден по скандалот со пренесувањето доверливи информации на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и се заканува да ја урне и така кревката подршка за Трамп во Републиканската партија. По две недели полни со скандали и обвинувања, повиците за импичмент повторно се појавија.

„Пресудата за тоа што претставува висок криминал а што прекршок, што ќе биде доволно Конгресот да започне да размислува за најголемиот од чекорите, е политичка а не правна. Сите претходни импичменти беа поврзани со попречувањето на правдата и тоа е она што луѓето сега го покренуваат.“, смета Рубин. 

И додека независниот сенатор од Мејн, Ангус Кинг и републиканецот Џон Мекејн од Аризона, го споредија скандалот со Вотергејт, Претседателот на Комитетот за надзор при Конгресот Џејсон Чафец, му даде рок на ФБИ од една недела да ги достави на увид сите материјали за комуникацијата на Џејмс Коми со американскиот претседател Доналд Трамп. Медиумите поткрепени од правните експерти веќе го оценија целиот случај како федерален прекршок и побараа импичмент.

 

Игор Трајков

Веста е прочитана 1886 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.