Потребни средства и кадар за примена на новите технологии во заштитарството

14 February, 2017 - 18:11

Македонија е далеку од светските примери на милионски суми вложени во лаборатории и истражувачки центри поврзани со заштитата и презентацијата на културното наслество, вели Горан Санев од Археолошкиот музеј. Според него, сретствата што се издвојуваат кај нас за примена на нови методи и технологии за заштита за културното наследство , не се споредуваат со светските искуства.

- Заостануваме во финансискиот дел бидејќи тие технологии се скапи и таа опрема е скапа и т.н. Но се трудиме, го држиме чекорот некако, вели Горан Санев- Археолошки музеј. 

Директорката на Музејот на Македонија, со спротивен став. Според неа, пари има за што сведочи ИНДОКС центарот, отворен со подршка на УНЕСКО, кој служи за унапредување на складирањето информации во дигитална форма. Но, потребен е систем, вели Мирјана Нинчовска, кој новите динамични технологии во заштитарството побрзо ќе ги пренесе на домашен терен.

-Ние сме една фела, музејската или заштитарската која што својот занает го пече после вработувањето. Нема посебни факултети, нема посебни школи за тоа, вели Мирјана Нинчовска- директорка на Музејот на Македонија. 

Како дел од регионалната соработка за совладување нови методи, во Музејот на Македонија, денеска беше одржано предавање на тема „ Фотограметријата во документацијата и презентацијата на културното наследство“.

- Морате да го следите ритамот, како се менува модерната политика кон археолошките наоѓалишта, кон културното наследство во секој поглед. Вие не можете да работите поинаку , освен ако не го следите секој можен напредок, вели  Југослав Пендиќ- Институт Биосенс,Нови Сад. 

Иако побаравме, од Министерството за култура не добивме одговор, колку се вложува на годишно ниво во развојот на новите методи и технологии во заштитата на културното наследство.

 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 941 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.