Попоски: Мешањето на Сорос е неприфатливо

15 January, 2017 - 15:49

Министерот за надворешни работи во оставка, Никола Попоски, го обвини американскиот милијардер Џорџ Сорос, дека се меша во внатрешните работи на Македонија и дека се обидува да ја дестабилизира државата. Во интервју за италијанскиот весник „Ла верита„, Попоски вели дека Сорос, преку Фондацијата Отворено општество, со години финансира голем број невладини организации, кои се занимаваат со политика на нетранспарентен начин, што не е прифатливо за нас.  

Според зборовите на Попоски, Сорос, откако е присутен во Македонија, потрошил 60 милиони долари за невладините организации. Проблемот, според него, е и абнормалната концентрација, затоа што 90 проценти од средствата на тие организации доаѓаат од еден извор, а ако се додаде и фактот дека, голем дел од нив и активно се занимаваат со политика, под капата на хуманитарни организации, тогаш е јасно дека, тоа не би можело да биде прифатено од една суверена држава. Во интервјуто за десничарскиот весник кој е формиран пред само неколку месеци и чие име значи „Вистина„, тој потенцира и дека, најдобар начин да се одолее на странското мешање е брзо составување на влада и дека претстојните денови се решавачки за нашата земја. Борба против Сорос, минатата година најави и мандатарот за состав на новата влада, Никола Груевски, а истото го повтори и во интервјуа од почетокот на годинава. Денеска, пак, неговата партија излезе со соопштение дека, СДСМ и Сорос се срам и елементарна непогода за Македонија.

Социологот Илија Ацевски вели дека, пренагласувањето на моќта на  граѓанското општество, е вообичаена матрица за размислување, која со години се повторува кај нас.  

Ацевски посочува и дека, истражувањата покажуваат дека, најголемиот дел од македонската популација ја прифаќа работата на невладиниот сектор, но  интегритетот им го нарушуваат организациите што се занимаваат со политика во погрешна смисла, се ставаат во функција на партиите и концентрираат големи суми на пари за лични интереси.

Класичната дефиниција на граѓанскиот сектор, според Ацевски, подразбира дека тие треба да се регулатори на она што се случува во државата, да укажуваат на недоследностите на оние кои ја практикуваат моќта и да ги чуваат фундаменталните вредности.

Далиборка Демјанска 

Веста е прочитана 4076 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.