Поплавените земјоделци од Стајковци на протест

17 February, 2017 - 16:35

Половина година по поплавите жителите на Стајковци се уште не можат глава да кренат од проблеми. Сепак болката по изгубените блиски е најголема и неизлечена. 45 годишниот син на Крсто Божиновски од стрес починал 5 дена по поплавите.

Освен човечките загуби дел од поплавените не можат да се соземат и материјално. Земјоделците се уште ја чекаат ветената помош, дел од нив не земале ниту третина од она што им било проценето иако велат и проценките потфрлија.

Тука може да се види се од куќи и ниви кои се вратиле речиси во првобитната состојба до запустени чии сопственици си заминале. Томислав Младеновски е земјоделец, водата му однела тони пченица, јачмен, сено, детелина. Амбарот и другите помошни простории ги урнала додека тракторот и алатите ги уништила. Тврди дека парите за оштета се делени селективно.

Оние пак кои земале оштета не знаат дали данокот на тие пари е платен, а рокот за пријавување во УЈП тече. До сега добиле потврди само за помошта од ВМРО ДПМНЕ.

Од министерството за финансии за сега нема информација дали е платен данокот на парите од оштетата. Од црвен крст велат дека тие го платиле ама белешките ќе ги испратат по пошта деновиве. Од земјоделие пак не се достапни да одговорат зошто доцни оштетата за уништениот род и пластениците. Според информациите до кои дојде Телма речиси двесте земјоделски семејства се уште немаат добиено ниту денар иако им е проценета штета. Најавуваат дека ако не ги добијат до вторник тогаш во среда ќе го блокираат министерството за земјоделие.

 

Билјана Николовска

 

 

Веста е прочитана 1065 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.