Поплавените до Стајковци со петиција бараат да останат во „Сениќ“

21 April, 2017 - 19:08

79 лица сместени во студентскиот дом „Томе Стефановски Сениќ“, по поплавите во Стајковци и Инџиково, потпишуваат петиција за да останат таму. Одбиваат да се вратат дома или да се преселат во установата „Ранка Милановиќ“, се додека не ги реновираат своите домови. Обештетувањето од 86 илјади денари што го добиле од државата не им е доволно за да ги средат уништените домови, а новата опција што се нуди им е неприфатлива.

За сместувањето што им се нуди од нив се бара да поднесат документи како уверенија од УЈП и Катастар, како и потврди од Агенциите за вработување и ПИОМ. Велат дека ниту на крај на памет не им паѓа да ги собираат документите, ниту, пак, да се селат, особено затоа што директорот на студентскиот дом не ги брка.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека, бараат од нив да се иселат затоа што студентскиот дом не е под нивна надлежност, додека установата Ранка Милановиќ и во минатото беше користена од лица кои што имале потреба од времено сместување.

Како најзагрозени се детектирани само три семејства кои не можат да се вратат дома,  но велат дека, секој од нив може да поднесе барање кое ќе биде разгледувано индивидуално.

Веста е прочитана 1160 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.