Поништување на избраниот проект за Венециското биенале бара одбиена уметничка на конкурсот на Министерството за култура

13 February, 2017 - 18:05

На конкурсот за учество на Македонија на годинашново 57 Венециско биенале, учествував со проектот „Загуба“, кој ги тематизира сириските мигранти, вели Пандора Апостолоска Саздовска. Со хуманистичката и ангажирана димензија тој е близок до поставената тема од кураторката на биеналето Кристин Масел, смета уметничката. Комесар на нејзиниот проект е Сашо Саздовски, а куратор, Златко Теодосиевски. Тројцата испратиле жалби до Државната комисија зашто сметаат дека се обесправени со избраниот проект „Црвен карневал“ на Томе Аџиевски. Во неговиот тим се Бранислав Саркањац и Мирко Стефановски кои не се компетентни за куратор и комесар, а проектот нема хуманистичка димензија, обвинува уметничката.

„Сметаме дека избраниот проект воопшто нема таков момент и активистички дел. Бидејќи ова Венециско биенале е фокусирано на уметникот и на неговиот ангажман“, вели Апостолоска Саздовска.

Проект „Загуба“ не е разгледуван од Комисијата зашто авторката не ги исполнува пропозициите за учество на конкурсот со тоа што нема доволен број изложби во репрезентативни галерии и музеи, дома и во странство, вели членот на комисијата при Министерството за култура, Станко Павлески. Тој смета дека избраниот проект на Аџиевски одговара на концептот на кураторката Масел, кој треба да се разбере пошироко, а не едносмерно.

„Масел има една широчина кај што вели дека ова биенале го планира да биде во име на уметноста, во име на уметничкиот чин, во име на авторот и т.н. Значи не е само онаа хумана димензија која што посочениве сакаат да ја видат“, света Павлески.

Пандора Апостолоска Саздовска ги отфрла тврдењата дека не ги исполнува условите за учество на конкурсот на Министерството. Нејзиниот тим очекува жалбите да им бидат усвоени и постапката за избор на проект со кој Македонија ќе се претстави на Венециското биенале, да се повтори.   

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1779 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.