Почнуваат суштинските разговори за Брегзит

17 July, 2017 - 16:40

Втората рудна преговори за Брегзит денеска започнува во Брисел, а преговарачките тимови ги отвараат суштинските разговори за најчуствителните теми од британското напуштање на Унијата. Посебни тимови неделава ќе бараат решенија на прашањата за статусот на европските државјани во Британија, финансиската спогодба за напуштањето и други прашања околу процесот, како и прашањето со Северноирската граница.

Мајкл Барниер – Главен преговарач на ЕК за Брегзит

„Сега ќе нурнеме во срцето на проблемот. Треба да ги разгледаме и споредиме нашите позиции за да постигнеме напредок. Како што знаете, нашите преговарачки групи ќе работат на граѓанските права и финансиската спогодба, како и на други прашања од разделбата“, смета главниот европски преговарач, Мајкл Барниер.

Продолжувањето на разговорите е проследено со благ оптимизам, кој не беше присутен пред официјалното започнување на преговорите минатиот месец.

„Сега е време да се фатиме за работа и да ги направиме овие преговори успешни“, повика државниот секретар за напуштање на ЕУ на Велика Британија, Дејвид Дејвис.

 

Најтешки разговори ќе се водат околу Финансиската спогодба и статусот на граѓаните. Првото затоа што се спомнуваат огромни суми, до 60 милијарди евра, кои наводно Брисел ќе ги бара од Лондон, додека статусот на ЕУ граѓаните во Британија и Британците во ЕУ е самото по себе чуствителна тема. Првата британска понуда, во која се предлагаше доселенички статус, беше експресно одбиена од Брисел. Денеска Британците ќе претстават нова понуда, која според министерот за надворешни Џонсон, е многу подобра.

„Се надевам дека луѓето ќе ја гледаат оваа понуда во духот кој го заслужува, затоа што е одлична понуда“, вели Џонсон.

Овие прашања, на инсистирање на Унијата, добија приоритет пред отварањето на разговорите околу, за Лондон поважното, нов трговски договор меѓу Велика Британија и ЕУ.

Игор Трајков

Веста е прочитана 1014 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.