Почна општиот претрес за Законот за јазиците

14 September, 2017 - 12:52

Во Собранието почна општиот претрес по Предлог законот за употреба на јазиците, во прво читање.

По едночасовната пауза на продолжението на седницата на барање од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека го поништува претходно објавениот список за говорници и побара ново пријавување за збор.

Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски  апелира до сите во Собранието, како што рече, да не преземаат какви било  потези кои би можеле да бидат насочени кон каква било провокација, со оглед на сензитивноста на темата.

Џафери рече дека се придружува кон  повикот да се има чувство за се со оглед на сензитивноста на темата и побара дебатата во Собранието  да не се претводи во предизборна кампања.

Првиот говорник во општата расправа, пратеникот и координатор од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, рече дека Предлог законот во 90 проценти е неуставен и изгледува надвор од Охридскиот рамковен договор. 

- Овој закон се носи во очи на локални избори како политичко барање и политичка уцена од страна на ДУИ над СДСМ со цел ДУИ како политичка партија да ги покрие сите коруптивни афери, скандали и неоставерни ветувања кон албанското гласачко тело, лошата инфраструктура и  лошите економски услови, рече Димовски.

Во реплика на Димовски, Бранко Манојловски од ДУИ истакна дека  проблемот со јазикот мора да се реши заради тоа што, како што наведе, тоа е еден голем ураган кој кога тогаш ќе продре.

- Албанците сакаат албански јазик и тука нема дискусија  и ќе си го добијат. Проблемот меѓу Албанците и Македонците е националната  омраза, рече Манојловски.

Веста е прочитана 1298 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.