Почна исплатата на земјоделските субвенции

18 May, 2017 - 16:20

Дел од земјоделците денеска на своите сметки конечно ги добија парвите пари од субвенциите, кои им доцнеа веќе седум месеци. Другите средсвата ги очекуваат во следните денови.

Денеска се исплатени обврски од вкупно 7,5 милиони евра. Министерството за финансии уште утрото соопшти дека стартувало со исплатата, веднаш по објавувањето на одлуката на Уставен суд во Службен весник, со што, како што велат, се отстраниле законските пречки. Во оваа сума влегуваат и старите обврски од 2015 од 1,5 милиони евра, кои се целосно подмирени, и тоа за фуражни култури, житарици, ориз, градинарство, овошни и лозови насади. За 2016, пак, исплатени се 6 милиони евра за млеко и оризова арпа.

„Министерството за финансии остана доследно на спроведување на законската регулатива и покрај бројните шпекулации изминатиов период“, велат од Кабинетот на министерот во заминување, Кирил Миноски.

Директорот на Платежната агенција Игор Златков за Телма рече дека досега потпишал налози од 78 милиони евра. Денес не опишол на службен пат во Малта, како што вели, само за да биде тука за стартот на субвенциите. Во следните неколку дена ќе ги потпише и налозите за преостанатите седум милиони.  

„Сите налози за 2015 и 2016 година од кај нас ќе бидат потпишани и пратени во Трезор во Финансии до крајот на мај, а до крајот на јуни треба да заврши исплатата, но јас не сум министер и од мене не зависи исплатата“, вели Златков.

Дел од земјоделците се сомневаат дека е можно исплатите да се вршат и по списоци според политичката блискост со досега владејачката гарнитура. Некои уште не ги добиле парите од 2015. Златков, пак, уверува дека за сите 90 илјади земјоделски стопанства, комјутерски систем ги исфрла само оние што не ги подмириле долговите кон Водостопанство, за закуп на земјоделското земјиште и за јапонската помош, а другите сигурно ќе ги добијат парите.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1019 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.