Почна да се гради спорната улица на кејот

18 March, 2017 - 18:24

Десетици сопственици на кафулиња и ресторани лоцирани на кејот 13 Ноември се револтирани од почетокот на изградбата на улицата која ќе се протега долж шеталиштето кое води од хотелот Холидеј Ин до зградата на Телеком на градскиот плоштад. Иако на сопствениците им било ветено дека улицата нема да пречи на работата на нивните објекти,според оградениот простор се гледа дека улицата ќе поминува точно пред вратите на нивните локали и непосредно пред првите маси од летните тераси.Улицата што се гради со дозвола на Град Скопје велат тие, ќе го ограничи движењето на граѓаните и ќе го изгубат најубавото шеталиште во градот

- На овој потег има 400-500 вработени плаќаме придонеси, на градот и на Центар за користење на пешачка јавна површина им плаќаме повеќе од 1 мил. евра годишно.Вардар го упропастија па сега и просторот на кој се шета, вели Благој Георгиевски, сопственик на кафуле. 

На изградбата на улицата реагираат и вработените во хотелот Холидеј ин бидејќи со овој градежен зафат практично остануваат без дел од паркинг просторот за кој велат редовно му плаќаат на градот.

Градоначалникот Коце Трајановски не гледа ништо спорно во изградбата на улицата.Тврди дека таа ќе остане пешачка иако на одобрението за градба што тој го потпишал во сабота на 31 декември минатата година пишува сообраќаен инфраструктурен објект улица.Во документот нема многу детали но според оградениот простор таа ќе биде широка шест метри.

Тоа е градска улица, Град Скопје ја даде дозволата, практично е пешачка улица и таква ќе остане.Останува да се разговара со кафанџиите но сфатете дека тие ги помериле терасите, го узурпирале просторот  и градежната инспекција на општина Центар треба да реагира, вели Трајановски. 

Од општина Центар остануваат на ставот  дека улицата не смее да се изгради.Апелираат изведувачот да ги сопре активностите а градоначалникот Трајановски да го повлече одобрението за градба

- Во понеделник ќе одржиме вонредна седница за законските мерки со кои ќе ја спречиме изградбата на криминалната улица што ја гради Теранова познат од бомбите, изјави Саша Богдановиќ, од општина Центар. 

Со договорот за градење на зградата на Телеком, инвеститорот Дивелоп груп имаше обврска да изгради подземна сообраќајница, но во 2012 со промена на ДУП Мал Ринг претходното раководство во општина Центар, од подземна, улицата ја направи надземна.Во 2015 година Центар ги забрани сите градежни работи на кејот но брзо потоа Град Скопје и ги одзема надлежностите уверувајќи дека улицата ќе биде со строг режим на сообраќај,без асфалт и наменета за достава и за службените возила на Телеком. 

 

Виолета Зајкова Стојановска

 

 

 

 

Веста е прочитана 12585 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.