По средбата со Џо Бајден, Груевски се враќа во Македонија

11 January, 2016 - 22:02

Премиерот Никола Груевски, кој е во посета на Соединетите држави, нема да има средби во Стејт департментот, тој веднаш по средбата со американскиот потпретседател Џо Бајден, ќе се врати во Македонија.

Средбите во Вашингтон се на барање на владата на РМ, соопшти вечерва американската амбасада во Скопје.

„Владата на Република Македонија барала премиерот Груевски денеска да се сретне со потпретседателот на САД, Џо Бајден за да разговараат за спроведувањето на договорот од Пржино, за безбедносните како и за останатите прашања од заеднички интерес“, велат од амбасата на САД во Р. Македонија.

Средбата Груевски-Бајден се случи одненадеж, пред 15 јануари, датумот, кога според договорот од Пржино, премиерот Груевски треба да даде оставка и да се формира техничка влада која ќе ги организира изборите закажани за април.

Оваа ненадејна посета на Груевски аналитичарите ја толкуваат како знак дека Соединетите држави и Европската унија се усогласени околу спроведувањето на договорот од Пржино.

Една од опциите за резултат од посетата е да се бетонира позицијата на Америка, дека не сака дестабилизација на Македонија и дека тоа сакаат да го слушнат од Груевски. Можно е, веат аналитичарите,  Груевски од САД да се врати и со гаранција за фиксирање на датумот за избори.

Последен пат Груевски се сретна со Бајден пред речиси четири години, во февруари 2011-та година. 

Билјана Ставрова

Веста е прочитана 32 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.