Македонија се уште кризите ги решава со меѓународна помош

13 August, 2015 - 15:45

Македонија можеше и без странска помош да ја реши кризата. Само, недостасуваше волја кај политичарите. Вака Малинка Ристевска Јорданова одговара на прашањето на Телма, дали земјата можеше да се справи со политичката криза без притисок од надвор.

„Можевме. И меѓународната заедница не остави и ни даде простор сами да го решие. Сега кризата е од различен тип за разлика од 2001 година, но сепак, се покажа дека нема доволно политичка волја. Сега се се сведе на една поднослива интервенција“, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Поранешниот амбасадор на Европската унија во Македонија, Ерван Фуере вели, не е прв пат земјата да не може сама да си ги реши своите проблеми.

„За жал, како што видовме во претходните години, лидерството едноставно, не беше способнo да се справи со кризата. Ова не е прва криза. Имаше кризи многу години, а вината да се справи со последнава криза ефикасно и на демократски начин, е во владејачката партија и политичкото лидерство во Македонија што не беше способно да ги реши овие прашања“, вели Ерван Фуере поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија

Политичката криза се решава со засилно меѓународно присуство. За да ги притисне политичарите на договор, Унијата во Скопје го испрати комесарот Јоханес Хан и тројца европски пратеници. Освен ова, и американскиот амбасадор и амбасадорот на ЕУ постојано се среќаваат со лидерите на четирите најголеми партии. Сакаат да бидат сигурни дека овој пат, она што е договорено, навистина ќе се спроведе.

Фуере, за сегашната ситуација гледа одговорност и кај Европската унија. 

„Вината, исто така е и на ЕУ што не го форсираше да се осигураат сите обврски кои македонската влада ги исполни низ годините. Но, тоа не се почитуваше. Во 2012 и 2013 година ЕУ мораше да интервенира за да помогне во решавањето на тогашните кризи, исто како и оваа година. Но, сега треба да се види ефектот од постигнатиот договор. Нема смисла да се потпишуваат договори ако владејачката партија и политичкото водство не преземаат ништо за да се спроведе договореното“, вели Фуере.

Роковите за да се спроведе последниот политички договор веќе течат. Амбасадорите на Соединетите држави и на Унијата минатата недела ги викаа секој од лидерите поединечно за да кажат до каде е спроведувањето на договорот. Работните групи кои работат на тоа, се враќаат од одмор во понеделник.

Марија Дивитарова Савановиќ

Веста е прочитана 269 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.