ПИОМ водечки расход на буџетот

11 November, 2017 - 15:45

Фондот за ПИОМ е водечки расход и на буџетот за 2018 година. За навремена исплата на пензиите, нивно зголемување два пати следната година и за стабилност на пензискиот систем, од државниот буџет ќе се префрлат близу 500 милиони евра или 34 милиони евра повеќе во однос на 2017. Тоа уште значи дека најголемиот дел од даноците што ги плаќаат сите граѓани и овој пат одат за пензионерите. Двоењето милионски суми пари секоја година за покривање на дупката во ПИОМ е неиздржливо за економија каква што има Макеоднија, велат економистите, бидејки на тој начин се лимитира растот .

„Ако овие средства се насочат кон попродуктивни инвестиции, на пример ако се зголемат капиталните инвестиции кои се 10 % и да ги зголемиме два ипол пати, би имале посилен мотор за раст во иднина“, вели професорот Борче Треновски.

Причините за лошата состојба во која се наога Фондот според економстите се демографски и економски. Се продолжува со политика на стимулирање нови вработувања за кои работодавачот е ослободен од плаќање социјални придонеси се нудат поволности што го празнат фондот, без да се обезбеди сигурен и траен прилив.

„За ваквата состојба во ПИОМ придонесуваат несоодветните реформи во поделбата на пензиските столбови, несогласување на стажот и возраста при пензионирање со продолжениот животен век но најмногу намалувањето на стапката за придонеси. Решение е враќање на претходните стапки на придонес, зголемување на возраста за пензионирање, раст на вработувањата, но и анализа на контингентот инвалидски пензии“, смета академик Абдилменаф Беџети.

Треба да се зголемат придонесите кои се ниски, има ненаплатени побарувања па и старосната граница како последна опција. Состојбата е итна и мора да се размислува како тоа структурно да се реши а не на годишно ниво само да се покрива дупката во ПИОМ“, смета професорот Треновски.

Според статистиките половина од пензиите се исплаќаат од буџетот, што значи дека ПИОМ наместо да биде фонд функционира како квази буџет. За покривање на дефитот во пензискиот фонд секоја година се  двојат милионски суми пари а за 10 години дупката во фондот е тројно зголемена. СБ, ММФ како и домашните експерти неколку години по ред предупредуваат на неодржливост на пензиските политики кои ја продлабочуваат дупката. 

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1185 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.