Пепелта од РЕК-Битола се развејува низ Пелагонија

19 March, 2017 - 16:08

Вака изгледа пепелта од РЕК Битола која останува по согорувањето на јагленот при производството на струја. Ветрот ја носи насекаде во  околината. Прво на удар е селото Новаци .  Неколку стотици жители на Новаци живеат на неполн километар од најголемиот производител на струја во државата. Во непосредна  близина се и уште неколку села во оваа општина, а градот Битола е одалечен 13 километри  од комбинатот. Загадена е и  почва, а земјoделските култури не растат ако не се под пластеници.

-Растенијата не се добри надвор, како закржалевни се, вели Видан Трајковски, жител на Новаци.

Жителите се жалат на здравстевни проблеми, посебно на дишните патишта.

-Кога температурата е пониска, целото согорување од јагленот во РЕК паѓа тука, во нискиот дел. Најповеќе се чувствува кога нема ветер, нема проветрување, изјави  Видан Трајковски.

-Чадот е многу тежок, тешко е дишењето. Посбено кој има мали деца, не можат ни врата ни прозорец да отворат, изјави Вангел .

Пепелта која останува при производството во РЕК има протоколи како треба да се третира, а не да се остава на отворено и најмал ветер да ја разнесува по околината, категорични се експертите.

 -Она што загрижува е зголемената радиоактивност на оваа пепел. Неопходно е да се преземат мерки за спречување на дисперзијата. Тие мерки се познати. Спречување на дисперзија значи покривање или на различен начин намалување на можноста оваа прашина да се разнесува во околината, односно во градот Битола и населените места, бидејќи овие честички влегуваат во орагнизмот на човекот, вели проф. др Трајче Стафилов, професор на ПМФ.

ОД ЕЛЕМ под чија надлежност е РЕК Битола, велат дека во термоелектраната е применет сув отворен систем за надворешен транспорт на пепел, која во касети се одлага на депонијата за јаловина, а потоа се покрива со слој на земја. Но, од снимката се гледа дека таа е оставена на воздушните струења кои ја разнесуваат.

Битолските лекари предупредуваат дека поради загадувањето на воздухот во градот и околината се појавуваат се повеќе случаи на карциноми, и најстрашно е што се повеќе заболуваат децата.  

-Последните неколку години дијагностицираме во годината 5,6, па и 7 малигноми во детската возраст. Во последните 6 месеци се дијагносицирани 5 деца со малигни заболувања и тоа деца од школска возраст. Ова е поразителен факт кој што и нас педијатрите не обесхрабрува, затоа што правиме се што можеме да направиме во третманот  за лекување на децата без последици, но тоа не ни успева кога самата атмосфера е загадена, вели др. Благица Темелковска, педијатар во Клиничка болница Битола.

Ова видео е направено пред две недели од спортски пилоти кои полетуваат од аеродромот во селото Логоварди во околината и според чии сведоштва ова е слика која редовно ја гледаат.

 

Емилија Мисирлијевски

 

 

Веста е прочитана 6024 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.