Отворен 20 „Скопје филм фестивал“

21 April, 2017 - 10:08

Филмот „ Реквием за госпоѓа Ј“, е српско- македонско- руско- бугарско-француска копродукција, која на „ Скопје филм фест“ доаѓа по прикажувањето на годинашново „ Берлинале“.  Оваа црна комедија , по текст и во режија на Бојан Вулетиќ, зборува за една жена што ја игра Мирјана Карановиќ, која сака да се самоубие, но не успева поради пречките што се појавуваат , наметнати од општеството.

- Ме инспирира таа некоја состојба во Белград,  за која ми се чини дека сепак е универзална и дека не е само тоа што го живеат моите пријатели во Белград, туку нешто што е регионално, па и пошироко. Тоа пред се е депресијата, но раскажана сепак на духовит начин, вели Бојан Вулетиќ- сценарист и режисер на филмот

- Филмот пред Скопје беше на три фестивали. Во Софија, во Вилнус и во Висбаден, а сега ќе оди на фестивал во Карлови Вари , што е фестивал од А категорија. Ќе оди и во Москва, на фестивалот исто така од А категорија, а потоа и на 7 до 8 помали фестивали, вели Ненад Дукиќ, главен продуцент. 

 Програмата низ 8 секции , донесува 60 тина филмови, меѓу кои се: „ Кралицата на Шпанија“, на оскаровецот Фернандо Труеба,   „ Заливот Слек“, со Жулиет Бинош во главната улога, „ Загубени во Париз“ на режисерите Фиона Гордон и Доминик Абел и рускиот филм „ Ученик“ на режисерот Кирил Серебреников. Ќе се прикажат кратки француски и шпански филмови,  ретроспектива на творештвото на Стенли Кјубрик и детска филмска програма , посветена на лицата со пречки во развојот, велат организаторите.

-  Како и претходните години , Скопскиот филмски фестивал, во својата репертоарска програма, покрај веќе познатите, извикани филмски имиња и наслови кои беа дел од годинашните светски филмски фестивали, ќе понуди и дел со нова македонска продукција. Значи веќе утревечер ќе ја имаме премиерата на најновиот филм на Коле Ангеловски, комедијата „ Ах, ти љубов моја“, изјави Павел Маслов. 

Фестивалот вклучува и работилница за анимиран филм. Фестивалот ќе се одржи во Кино Милениум, Кино Фросина при МКЦ и во Кинотеката на Македонија.

 

Сотир Трајков

 

 

Веста е прочитана 1300 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.