Отворање на 45. Мајски оперски вечери

9 May, 2017 - 10:43

Четириесет и петтите Мајски оперски вечери  вечер, традиционално на 9 мај, ќе бидат отворени со премиера на „Травијата“ од Верди, нова постановка во режија на Верена Штојбер од Германија и со сопранистката Ана Дурловски во насловната улога. Претставата ќе биде репризирана на 11 мај. 

На фестивалската програма годинава се пет оперски и три балетски претстави, два солистички рецитали и две изведби на мјузиклот „Тајно моја“, а покрај македонски изведувачи, ќе настапат и гости од повеќе земји. 

„Травијата“ е најавена како ново читање на најпопуларната и најизведувана опера во МОБ. Овојпат е во режија на Верена Штојбер од Германија, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер,  кореограф е Саша Евтимова, а диригент Џанлука Мартиненги од Италија. 

Режисерката Штојбер на прес-конференција по повод премиерата рече дека идејата и била на сцената да прикаже „нормални“ луѓе, не кралеви  и бајковни ликови, и да ги пренесе нивните емоции и вистинската приказна. 

Според неа, Ведри е еден од најголемите раскажувачи на сите времиња кој со „Травијата“ ги крши табуата и дозволува главниот карактер во операта да биде жена со низок морал, љубовница.

- Јас не го оправдувам лицемерието на патријархалното општество во кое не е проблем мажите да имаат жени и девојки на страна, но е проблем кога некој, а во случајот на „Травијата“ тоа е Алфредо, ги прекршува правилата и се вљубува во една од љубовниците, и дури и полошо – решава да живее со неа, смета Штојбер, која приказната ја осовременува затоа што, како што рече, таа соодветстува и денес, на пример во политиката, каде некои мажи имаат семејства, но и ескорт дами.

Сценографката и костимографка Шнајдер додаде дека направила сцена која би била актуелна и денес, иако операта е од средината на 19 век. - Сцената се врти и се прикажуваат разни простори кои отсликуваат различни аспекти на општеството, рече Шнајдер.

Сопранот Ана Дурловски истакна дека со новата „Травијата“ публиката во Скопје ќе може да види повисока оперска класа и театар каков што се прави во Германија, каде ликовите и нивните релации се подлабоки. Таа соработувала со режисерката Штојбер во ист ансамбл во Германија, меѓу другите и за операта „Травијата“.

- Посебно ме радува што во лет го фативме тимот на Штојбер која е добитник на „Ring Award“ - една од најголемите награди за режија во светот. Ме радува и тоа што во кастингот се македонски солисти, рече Дурловски која ќе го игра ликот на Виолета Валери. 

Покрај неа ќе настапат и: Дарко Нешовски (Алфред Жермон), Борис Трајанов  (Жорж Жермон - во оваа улога во репризата на 11 мај ќе настапи Марјан Јованоски), Николина Јаневска (Флора), Александра Лазаровска-Василевски (Анина), Владимир Саздовски (Барон Дуфол), Драган Ампов (Маркиз Д’Обињи), Дамјан Попоски (Гастон), Борко Биџовски (Гренвил), Игор Гиновски (Џузепе), Ернес Ибраимовски (Комесарио), како и оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на МОБ.

По репризата на „Травијата“ на 11 мај, следен фестивалски термин е 13 мај и операта „Севилскиот бербер“ на Росини во изведба на Српско народно позориште од Нови Сад, а следниот ден (14 мај) ќе гостува Опера Нова од Киев со операта „Јов“.

На 28 мај е „Мадам Батерфлај“ од Пучини во изведба на Националниот театар на операта и балетот од Тирана и на 31 мај Мајските оперски вечери традиционално ќе завршат со Вердиевата „Аида“, а оваа година во главните улоги ќе бидат солисти од Турската државна опера од Истанбул. 

Балетските изведби ќе почнат утревечер (10 мај) со претставата „На пат“ на Хрватско народно казалиште од Сплит, по музика на Јохан Себастијан Бах на македонскиот кореограф Игор Киров. На 20 мај е балетот „Лебедово езеро“ на музика на Чајковски, на кој со солистите и балетскиот ансамбл на МОБ ќе настапи Оркестарот на Државната опера од Пловдив, а на 26 мај ќе биде изведен балетот „Клеопатра“. 

По шесте прикажувања на „Тајно моја“, во март и во април, мјузиклот посветен на Тоше ќе има две изведби и во рамки на Мајските оперски вечери - на 16-ти и на 17 мај.

На фестивалот ќе бидат одржани и два солистички рецитала со првенци на МОБ - на 18 мај е сопранот Весна Ѓиновска-Илкова во придружба на пијанистката Кристина Светиева, и на 23 мај - басот Игор Дурловски придружен од пијанистот Дино Имери. Од МОБ најавија и настан за најмладите - претставата „Пролетна приказна“ на музика од Стојан Стојков и настап на детскиот хор „Фалсето“.

Веста е прочитана 809 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.