Оставки од градоначалници и граѓанска непослушност доколку не се запре изградбата на рудниците

6 December, 2017 - 21:16

Оставки, граѓанска непослушност, блокади најавија дел од градоначалниците од југоисточниот дел од Македонија доколку централната власт не го стопира градењето на рудниците за искотп на метали и минерали во тој регион. Тие сите застанаа зад волјата на граѓаните кои, како што рекоа, во 98 проценти се против рудниците. Во Топ Тема на Ваша страна градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, рече дека доколку централната власт реши да оди спротивно на волјата на граѓаните тогаш сите опции се отворени.  

„Ако централната власт ги дозволи рудниците сите опции ќе бидат отворени - и мојата оставка и граѓанската непослушност“, изјави Костадинов.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, пак доколку не се откажат рудниците најави протести и блокади.

Градоначалници на Валандово, Дојран, но и на Гевгелија, Сашо Поцков, и на Богданци, Блаже Шапов, иако се децидни дека ќе застанат зад волјата на граѓаните против рудниците, сепак уверуваат дека и централната влада е против отоврањето на рудниците. Тие не гледаат промена во ставот на премиерот Зоран Заев, пред изборите кога тој рече дека рудниците ќе застанат и денес кога вели дека нема земја каде што нема рудник, но да биде во еколошка рамка.

„Не постојат разлика во изјавите на премиерот“, смета Поцков.

Градоначалник на Општина Богданци пак е на став дека „сегашната влада работи на тоа затворањето на рудниците да биде што побезболно“.

Сепак ниту еден од четворицата градоначалници кои гостуваа во Топ Тема на Ваша страна не знаат до каде е ревизијата на владата и министерствата на одлуката на претходната власт за отворање на 86 рудници во југоисточна Македонија.

Жулиета Ѓуркова од Центарот за развој на југоисточниот плански регион изјави дека рудниците да бидат и најдобро заштитени, неизбежно е загадување на животната средина. Притоа таа рече дека мерките пропишуваат доколку во близина од 50 километри има тешка индустрија, во што спаѓаат и рудниците, неможе да има органско производство, преработка на конзервирана храна, производство на млеко, со што ќе се намали економијата на тој регион.

Симона Гетова од иницијативата Југоистокот против рудниците децидна е дека тие нема да дозволат да има рудници.  

„Односот на централната власт кон рудниците ќе покаже дали таа ќе застанат на страната на граѓаните и ќе ги исполнат ветувањата или ќе застанат на страна на странските инвеститори и елити“, рече Гетова.

На тврдењето на пратеничката Лилјана Поповска дека има повеќе основи со кои договорот со „Казандол“ може да се раскине, а држават да не сноси последици т.е. да плаќа пенали , меѓу кои  пробивањето на роковите од договорот од страна на инвеститорот, Костадинов рече дека тоа е во ингеренции на валдата.  

„Локалната власт нема ингеренции да ги раскинува договори. Тоа треба да го стори централната власт“, изјави Костадинов во Топ Тема на Ваша страна. 

Веста е прочитана 889 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.