ОЈО крие колкумина од фалсификаторите се уште работат како стручни соработници

18 May, 2017 - 18:22

Повеќе од седум месеци случајот со фалсификатите во Академија за судии и јавни обвинители што го објави Телма е заглавен во преткривична постапка. Поранешниот обвинител Јован Јоанидис смета дека оваа постапка трае предолго. Според него, проверката на фалсификатите е работа на денови, а не месеци.

„Преткривичната постапка најчесто е брза затоа што таа е поради основи на сомнение дека е сторено кривично дело. Овде би требало веќе да е во фаза на кривична постапка затоа што е веќе основано сомение дека документот е фалсификуван и се се знае кое лице го употребило кога аплицирало да биде јавен обвинител”, смета Јоанидис.

Наши извори велат дека повеќе од 30 кандидати за обвинители аплицирале со фалсификуваните уверенија за англиски јазик. Основното јавно обвинителство, кое ја води предистражната постапка, истовремено е и институција во која, според наши извори, се уште работат најголем дел од истите лица. Обвинителството засега ја крие оваа информација.

„По мене тоа лице не е достојно да биде судија ни обвинител заради тоа што уште не почнал со кариерата почнал со фалсификати. Тој истовремено го претставува тој суд и тоа обвинителство, го нарушува угледот и моралот на судот и на установата во која работа, а од која аплицира да биде јавен судија или обвинител. Тој не е за да го држиш во државна служба, вели тој.

Судијата Маргарита Цаца Николовска смета дека одговорност мора да има поради долгото криење на случајот.

„Такво нешто толку долго време не може да се крие и месеци тие проблеми да не се расистуваат. Вчера чув дека и претседателот на обвинителскиот совет немал информации и не знаел што се случува“, вели Цаца Николовска.

Директорката на Академијата Арнаудовска се уште одбива јавно да проговори зошто долго молчела за скандалот и зошто огласот за прием на нови 60 обвинители е под мраз. 

Александар Манасиев

Веста е прочитана 2945 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.