Отсечени села, неисчистени тротоари по градовите

11 January, 2017 - 16:24

Немаат лекови, не можат да одат на лекар, им снемува храна за добитокот. Жителите на гостиварското село Куново се веќе 5 дена одсечени. Од таму ни испратија фотографии на кои се гледа дека патот е непрооден. Кога се пожалиле во Центарот за управување со кризи, за одговор биле пренасочени кон Македонија пат и кон локалната самоуправа.

Проблеми имаат и жителите во градовите. Се уште не се исчистени многу од споредните улици, а движењето по тротоарите е невозможно бидејќи се прекриени со мраз.

Овие три пријателки се придржуваа една со друга за да не паднат, несигурни во движењето, излегуваат од дома само кога мораат. Во тој случај велат, облекуваат соодветни обувки.

Некои одлучуваат да ги земат работите во свои раце. Овој жител на Кисела вода одлучил да исчисти сам. Барем таму каде што може, пред својата куќа.

Повиците и интервенциите за скршеници во меѓувреме се намалени. Во итната медицинска помош најголем број од граѓаните се јавуваат поради проблеми со вирусната состојба.

Внимателност препорачуваат сите надлежни институции. Ова особено се однесува за возилата. Според АМСМ забрана за сообраќај на тешки моторни возила има на планинскиот премин Плетвар и на Ѓавато, но и на патните правци  Маврово – Дебар и  Кочани - Делчево.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Веста е прочитана 2236 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.