Одржана претстава за подигање на еколошката свест на децата

27 February, 2017 - 17:15

Проблемот со отпадот во Македонија може да се реши ако сите општествени чинители делуваат заедно. Ова е пораката на холандскиот амбасадор во Македонија, во врска со потребата од заштита на животната средина во земјава, дадена по изведбата на претставата „ Зелена планета“.

„Мислам дека проблемот со отпадот може да се реши, како што објаснија децата. Ако јавните институции, приватниот сектор, невладините организации и самите граѓани делуваат заедно“, вели амбасадорот Валтер Плом.

„Зелена планета“ е претстава од деца за деца, со едукативен и забавен карактер. Низ приказната за потребата да се користат платнени торби за на пазар, а не пластични кесиња, која учесниците ја изведуваат во костими од рециклиран материјал, се поткрева еколошката свест кај младите генерации.

„Децата се нашите најдобри амбасадори или агенти за промена кај возрасните. Бидејќи ги едуцираат и постарите, своите родители, баби, дедовци дека пластичните шишиња не треба да ги фрлаат. Дека треба да ги однесат, одложат одделно“, вели Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“.

Во претставата настапуваат деца од драмското студио „ Детски свет“.

„Младите најдобро учат низ игра и забава и затоа се одлучивме да подржиме една активност, дизајнирана баш на овој начин“, изјави Јован Радослављевиќ, генерален директор на Пивара - Скопје.

Претставата е подржана и од друштвото „Нула отпад“. Според Маријанчо Дамески, сега се борат со опасниот електронски отпад и батерии и дека до сега собрале над 400 тони. Планирано е годинава, претставата „ Зелена планета“ , да се игра и во 10 други градови низ Македонија и да ја видат околу 10 илјади деца. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1076 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.