Одложено судењето во Солун за Грујовски и Бошковски за лажните пасоши

20 October, 2017 - 17:54

Министерството за правда ги побарало сите документи од судот во Скопје. Доказите, обвинението, решенијата за притвор од судскиот случај „Тврдина-Таргет“, преведени заедно со барањето за екстрадиција ќе бидат испратени до Апелациониот суд во Солун кој во наредните 38 дена ќе го има последниот збор да одлучи дали ќе го испорача бегалското дуо Горан Грујовски и Никола Бошковски. Надлежниот обвинител во Солун синоќа доби одговор од нив дека не сакаат да бидат екстрадирани затоа што се плашат од македоснката полиција, владата, пак, во Скопје не сака да коментира од што се плашат Грујовски и Бошковски обвинети за масовното прислушување.

Судот во Солун каде експресно требаше да им се суди за кривичното дело поседување фалсификување пасоши не успеа да обезбеди преведувач и одлучи судењето да го презакаже за во вторник. Поранешниот агент Горан Грујовски сакал да побегне од Грција со лажен бугарски пасош на име Христо Атнасов, а неговиот сопатник Никола Бошковски со идентитет на Неџби Хасан.

Беа уапсени и препознени по меѓународната потерница на Интерпол, а нивната крајна дестинација остана непозната. После 15 часот кога беа приведени на аеродромот „Македонија“ во Солун, можните летови на поранешните тајни агенти биле за Романија, Турција, Русија и Германија. Пишувањата на Телма дека бегалците имале логистика и поддршка ги потврди и министерот за внатрешни работи со изјава во телевизиско гостување дека акцијата за апсење била спроведена со регионална соработка, а Бошковски и Грујовски биле откриени непосредно од луѓе, тврди Спасовски.

Двоецот од УБК беше во бегство околу три месеци, откако Врховниот суд го потврди барањето на СЈО, да бидат приведени во притвор, а полицијата не е ги пронајде дома. СЈО ги обвини дека прислушувале и уништувале опрема, ја оштетиле државата за 1,4 милиони евра, а влегле во приватноста на преку 20 000 граѓани за само неколку години. 

Павле Беловски

Веста е прочитана 1507 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.