Одложено судењето на обвинетите за Собранието

18 May, 2017 - 15:52

Осум  од деветмината обвинети за „крвавиот четврток“ седнаа на обвинително столче, но полицијата не го спроведе во судот Ангеле Зафировски, познат како бате Геле, кој се наоѓа во домашен притвор, па судењето се одложи за следната недела. Нему првично му беше определен  осумдневен притвор, но со поднесувањето на обвинение му беше заменет со домашен. Зошто Зафировски не е во судницата на првото рочиште, одговор немаше ниту неговата адвокатка, која на судијката и рече дека не исконтактирала со него.

И додека пред судот поддржувачи и членови на новоформираните патриотски здруженија протестираа за ослободување на обвинетите за насилствата во Собранието, во премалата судница во која снемуваше воздух, се обидуваа да најдат место повеќе од педесетина лица, обвинети, адвокати, сведоци, оштетени, новинари и полиција. Дел седеа дел стоеа.

Во првиот ред беше Димче Христовски Жабата, претходно осуден за двојно убиство. На неколку чекори раздалеченост од него и останатите обвинетите, беа полицајците од обезбедувањето на Спасовски кои ги штитеа пратениците во прес салата. Нетрпението кон нив беше евидентно уште пред да влезат во судот, кога поддржувачите на обвинетите извикуваа „уа“ и пцовки.

Изјави не дадоа ниту поддржувачите ниту адвокатите. Првите велат медиумите им ги извртувале изјавите, вторите рекоа дека денеска нема што да се каже бидјеќи судењето се одложи. Сепак пораките од протестот ги пренесоа преку транспарентите на кои пишуваше „Верував во сè, но не дека моите ќе ми судат за Македонија“ и „Слобода за патриотите, затвор за предавниците“ и на маиците со пораки „Слобода за Жабата“ и „Македонија на Македонците“. Мегу демонстрантите беше и Горан Ангелов од велешкото здружение „Ќосето“ за кого има кривична пријава.

Деветмината обвинети за „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие“ се дел од првата група идентификувни за насилствата во Собранието. До сега над триесетмина добија кривични пријави од МВР, но за тројца обвинителството ги отфрли пријавите. Двајца одговараат за „убиство во обид“, за нападот на пратеникот Села, сите останати за „учество во толпа“.

На ова реагираат и повредените пратеници кои изминатиот период секојдневно даваат исказ во обвинителството како оштетени. Разкажуваат што доживеале и побараа одговорност од сите, од нарачателите до извршитлеите, но не за полесни кривични дела како „учество во толпа“ за што се предвидени затворски казни од 3 месеци до 3 години. Оние што не се осудувани и што ќе признаат вина, можат да поминат и со условна казна. За водачот на толпата е предвидена казна од една до пет години, но за сега нема обвинети водачи. 

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 5068 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.