Од потонат танкер се излева нафта во Егејското Море

12 September, 2017 - 14:45

Тимовите за вонредни ситуации во Грција и денеска се борат да го ограничат излевањето на нафтата во морските води близу Атина, откако викендов потона танкер кај островот Саламис, соопшти крајбрежната стража. Нафтата која се излева од танкерот „Агиа Зони II“, кој пренесувал 2.500 метрички тони гориво, го загрозува целиот залив во југоисточниот дел на островот.

Крајбрежната стража соопшти дека се поставени рампи за да се спречи разлевање на нафтата, а за нејзино собирање се користат камиони-цистерни. И покрај тоа, голем дел од горивото кое се изли, заврши на плажите на Саламис. Во тек се напори да се затвори дупката на танкерот.

- Нафтената дамка се протега на повеќе од 1,5 километри, а за нејзино целосно чистење ќе бидат потребни околу четири месеци, изјави членот на атинскиот совет за рибарство Вула Тутанци.

Засега не е познато што го предизвика тонењето на танкерот. Капетанот на танкерот и главниот инженер се обвинети за негрижа и пуштени да се бранат од слобода. 

Веста е прочитана 524 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.