Обвинителството ги испитува тврдењата на Вук Јеремиќ за криминал на поранешната власт

7 December, 2017 - 13:20

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по допрен глас, отвори предистражна постапка заради постоење на индиции за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик.

Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со изјавата на поранешниот српски министер за надворешни работи и претседател на Народната партија во Република Србија, Вук Јеремиќ. Изјавата се однесува на наводно перење пари во Република Србија од страна на високи македонски функционери и нивната поврзаност со физички и правни лица од Србија и Чешка.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејствија и координација со  институциите надлежни за откривање на овој вид на кривични дела.

Поранешниот српски министер за надворешни работи и лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ, минатата недела ги повика истражните органи во Србија да ги испитаат врските меѓу поранешната македонска влада и Војислав Спаравало, директорот на фирмата СЦМГ, која ја купи фабриката „14 Октомври“ од Крушевац.

Јеремиќ во изјава за белградската „ТВ Наша“ вели дека чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври годинава преку белградската фирма СЦМГ ја купила централата на фирмата во Крушевац за четири милиони евра, со директен договор, без јавна лицитација. Тој вели дека според српските закони, директните договори за купопродажба се дозволени само во „специјални случаи“, а „специјално во овој случај е тоа што годинава во Македонија е соборен диктаторскиот и длабоко корумпираниот режим на Никола Груевски, политичкиот брат близнак на српскиот претседател Александар Вучиќ“.

– Тие се луѓе од тој режим, а пред сите е Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање и „десната рака“ на Груевски, кои почнаа панично да извлекуваат пари стекнати со коруптивни активности во Македонија и да ги пласираат во разни шеми, преку даночните оази, Холандија, а во случајот со „14 Октомври“, преку Чешка – нагласува Јеремиќ.

Од ВМРО–ДПМНЕ експресно реагираа тврдејќи дека ниту Груевски, ниту Мијалков немаат никаква поврзаност со приватизацијата на фабрики во Србија и не испумпувале пари од Македонија за нивно лично богатење преку купување на фирми и фабрки во Србија и Чешка.

Веста е прочитана 268 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.