Новинарите во Европа се изложени на притисок и автоцензура

20 April, 2017 - 13:14

Новинарите во Европа се изложени на насилство и притисок, се наведува во извештај на Советот на Европа.

 

Во извештајот се посочува дека европските новинари се изложени на неоправдано мешање во нивната работа, што резултира со страв и автоцензура.

„Секој трет од вкупно 940 испитаници во анкетата изјавил дека во последните три години бил жртва на физичко насилство поради професионалната дејност. Новинарите (69 проценти) често се жртви на на физичка закана и понижување“, се наведува во извештајот.

На второ место (53 отсто) новинарите трпат закани по интернет - лични напади или клевети. Половина од анкетираните новинари изјавиле дека биле под притисок на интересни групи, 46 отсто добиле физички закани, а 43 проценти трпеле притисок од политички групи. Новинарите често се жртви и на следење (39 отсто), како и на притисокк од полицијата (35 проценти).

Приближно три четвртини од новинарите изјавиле дека не се заштитени од следење, а половината мислат дека нивните извори не можат да бидат заштитени. Секој петти новинар бил жртва на кражба или му биле одземени средствата за работа, додека еден од пет новинари бил заплашуван со притвор или судски процес.

Случаите со физичко насилство врз новинарите се најчести во Јужен Кавказ и во Турција, но такви случаи се забележани и во земјите на Европска унија и во држави кои не се членки на блокот. 

Половината од анкетираните се новинари со над 15-годишно искуство.

Во извештајот се посочува дека новинарите најчесто се изложени на психолошки притисок (60 проценти), притисок преку интернет (57), притисок од одредени лица (51), притисок од интересни групи (45), физичко насилство (41 отсто). Секој трет новинар чувствува закана за семејството и пријателите.

Истражувањето покажува и дека нивото на автоцензура меѓу новинарите во Европа е на висок ниво. Секој петти новинар бил под притисок да напише текст „подобен“ за уредниците, а секој трет бил под притисок да го „омекне“ текстот. На секој четврти новинар му било сугерирано да ја прикрие информацијата, а на 15 проценти - да се откажат од приказната.

Околу 40 отсто од новинарите изјавиле дека обидите за притисок го зголемиле нивниот отпор против цензурата, без опглед дали е наметната или е автоцензура.

Веста е прочитана 370 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.