Нови пријави и претреси кај напаѓачите во Собранието

19 May, 2017 - 15:53

Полицијата вчера утрото со судски налог за претрес тропнала на врата на Игор Југ во Куманово но никој не им отворил. Полицијата телефонски се консултирала со судијката која го издала налогот, дали да ја скршат вратата и да го извршат претресот, но не добиле дозвола од неа па си заминале со празни раце, потврдија од МВР. Игор Југ доби кривична пријава за учество во толпа уште на почетокот но беше недостапен поради што и не се најде меѓу првите обвинети за кои вчера почна судењето.  

Според извори на Телма, полицијата по наредба на обвинител зела брис од внатрешноста на устата и од двајца вработени во УБК. Целта е како што велат нашите неофицијални информации брисевите да се споредат со биолошките траги кои биле пронајдени на двете куќишта од кои недостигаат хард дискови. Како што претходно веке објави Телма хард дисковите биле изнесени со цел да се скријат снимките од безбедносните камери но тие биле зачувани на дигиталниот видео рекордер, кој се наоѓал во собата за монитроинг на Собранието.

МВР информира и дека испратиле известување до обвинителството за да се обезбеди листинг од телефонскиот број на еден од осомничените, за кого веќе имаше кривична пријава и претрес во неговиот дом, а полицијата денеска поднела и две кривични пријави за скопјанец и тетовец, за „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“.

Пратениците на СДСМ Десковска, Мухиќ и Ковачев кои денеска сведочеа за Црниот Четврток, рекоа дека очекуваат обвинителството да ги гони и потикнувачите, организаторите, помагателите и извршителите. Без целосна одговорност на сите, Македонија не може да биде правна држава, рече пратеничката Рената Десковска, според која 27 април е еден од најтешките денови во македонската политичка историја.

Денеска во обвинителството се сослушуваа и сведоци за еден друг инцидент поврзан со протестите на „Заедничка Македонија“. Александар Тодоровски и Владимир Желчевски, новинар и снимател од А1он кои беа нападнати и повредени на протестите на 28 февруари, дадоа исказ.

Тодоровски вели чудно што по речиси три месеци ги повикуваат но и затоа што напаѓачите се уште се на слобода. 

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 2507 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.