Нова урбана акција против загадениот воздух

5 December, 2017 - 16:47

„Креваме глас против смогот!“. Ова е идејата на урбаната уметничка акција која денеска осамна во Скопје. На повеќе места во центарот на градот и на железничката станица, поставени се графити- постери на историски личности како Гоце Делчев, Питу Гули, Јосип Броз Тито, но и други личности од фотографии, прикажани со маски. Тие праќаат шеговито- иронични пораки, напишани како парафрази на тоа што некогаш го рекле. Како што велат од Центарот за современи уметности, целта на акцијата е да се искаже револт против загадениот воздух во главниот град, во зимските месеци и да се алармираат надлежните институции.

„Денеска можеби нема многу смог, но утре ќе има многу смог и практично мора секој ден да се зборува за такви работи, ако сакаме да има решение. Се додека темите не се присутни во јавноста, додека не се прави притисок врз надлежните институции да го решат тој проблем, тој нема да се реши. Нормално, секој со своето знаење и со своите методи треба да се бори. Еколозите треба да кажуваат кои мерки треба да се превземат, а ние како уметници можеме со сретства за креативна комуникација да ги информираме луѓето и да притискаме тие проблеми да се решат“, изјави Никола Писарев од Центарот за современи уметности.

Во оваа урбана акција беа вклучени уметниците: Александар Дојранлиев, Драган Додевски , Џорџе Јовановиќ и Александар Јосифовски. После Скопје, акцијата ќе продолжи во Битола, Тетово и во други градови низ Македонија кои имаат проблем со загадувањето на воздухот, велат од Центарот за современи уметности.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1736 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.