Нов случај на СЈО „Таргет“

18 November, 2016 - 15:27

Таргет деветото „Т“ на Специјалното јавно обвинителство открива дека сашо Мијалков поранешниот шеф на УБК , неговиот помошник Горан Грујовски и уште неколкумина прислушкувале политичари, бизнисмени , новинари. СЈО поврди дека има материјални докази но и сведоштва дека во УБК преку три системи за прислушкување и без судски наредби биле внесувани телефонски броеви, па дури и самите ги слушале разговорите.

 „Според доказите, постои основано сомнение дека првоосомничениот кој бил на раководна позиција во УБК, иако немал никакво законско право, пристапувал кон слушање на телефонски разговори за кои не биле издадени посебни истражни мерки, а воедно давал и наредби за внесување на телефонски броеви во системот за следење на комуникации кои припаѓале на лица кои биле во блиски приватни односи со првоосомничениот, лица припадници на политичката, бизнис и новинарска фела во Република Македонија и други лица. Постои основано сомнение дека второосомничениот-исто така раководно лице на оддел во УБК е оној, кој заедно со првоосомничениот, а во многу случаи и самостојно ја искористил својата службена положба и овластување, и спротивно на Законот за кривична постапка и Законот за следење на комуникациите го организирале процесот на незаконско следење на комуникации, преку злоупотреба на техничкиот потенцијал на УБК”, рече Фатиме Фетаи, специјален јавен обвинител. 

Истрагата на СЈО открила дека вработен во УБК откако видел дека незаконски се прислушкува зел дел од транскриптите и снимените материјали и преку посредник ги предал на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Токму овој податок и целиот предмет Таргет се очекува да го смени текот на судкиот процес Пуч.

“Беше констатирано дека комуникациите на дел од обвинетите лица во предметот Пуч биле незаконски следени, односно комуникациите на овие лица биле следени подолг период пред издавањето на судските наредби. Конкретно, според податоците со кои во моментов располагаме, телефонските комуникации на обвинетиот Зоран Верушевски во истражуваниот период незаконски биле следени најмалку 600 денови и тоа пред издавањето на судските наредби, додека комуникациите на телефонскиот број кој го користела обвинетата Соња Верушевска се незаконски следени најмалку 816 денови. Кај обвинетиот Бранко Палифров, телефонските комуникации незаконски биле следени најмалку 90 денови и тоа пред издавањето на судските наредби. Еден од телефонските броеви на обвинетиот Зоран Заев незаконски бил следен најмалку 1150 денови, од кои најголемиот дел во периодот пред издавањето на судските  наредби, а околу една година и по истекот на периодот определен во судската наредба, додека другиот негов телефонски број незаконски бил следен најмалку 400 денови” , Фатиме Фетаи, специјален јавен обвинител.

Предметот Таргет ги откри имињата на министрите Гордана Јанкуловска , Миле Јанакиески , лидерите на неколку партии Али Ахмети, Мендуџ тачи . Љубе Бошкоски , Муса Џафери чии телефони биле закачени на трите системи за прислушување. Ова не се конечни бројки на денови колку  траело прислушувањето, бидејки СЈО со судски наредби бара податоци од мобилен оператор кој одбил да соработува со обвинителството.

Во врска со тоа чии телефони не биле прислушувани, обвинителката Ленче Ристовска изјави дека не бил прислушуван телефонот на Никола Груевски, а не сакаше да одговори дали бил прислушуван претседателот на државата Ѓорге Иванов.

За предметот „Таргет“ обвинителството нема да бара никакви посебни мерки за обезбедување на осомничените.

Специјалната јавна обвинителка Катица јанева најави дека овој предмет ќе го даде одговорот кој прислушкувал во Македонија што е и дел од мандатот на Специјалното јавно обвинителство.

 “Се чуствувам слободна и цврста во мојата работа бидејќи на моја страна се уставот, законите, правдата и вистината, и што е многу важно чувствувам широка подршка од јавноста. Јасно и гласно кажувам дека нема да молчам ниту за една нерагуларност, ниту пак некој ќе биде заборавен во борбата што ја водам против беззаконието”, изјави Катица Јанев ,  специјален јавен обвинител.

 

Кристина Мачкиќ

 

 

 

Веста е прочитана 518 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.