Незаконски процедури за плацот во Ново Лисиче

16 February, 2017 - 16:10

Плацот каде се случи инцидентот во кој беше пробушена гасоводна цевка е истиот поради кој пред дваесетина дена од  синдикатот на камионџиите се заканија дека ќе ја дигнат Владата во воздух со две ракети. Председателот на Макам транс Страшо Јованов тврди дека општина Гази Баба незаконски го продала плацот на градежната фирма која пак веднаш започнала со активности. Синдикатот со договор го користел државното земјиште веќе 15 години ама пред Нова година полиција ги избркала.

Од општина Гази Баба потврдуваат дека на јавна лицитација фирмата Жикол го купила земјиштето, ама велат дека постапката е законска а тоа било државно. Според урбанистичкиот план на плацот треба да се градат станбени згради. Од Жикол пак велат дека за таа намена ангажирале фирма која ќе ја испитува земјата и поради тоа се извршувало дупчење. Сепак не одговараат дали имале дозвола од ГАМА за таков зафат. Од ГАМА велат дека од нив никој не побарал дозвола. Инаку во понеделникот дупчалка пробуши гасоводна цевка по што целиот систем на ГАМА во овој дел од градот беше исклучен. Сопственикот на фирмата која до скоро стопанисувала со плацот вели дека по инцидентот не се изведуваат никакви градежни работи.

Инаку од МВР велат дека се уште го истражуваат случајот. За кривична пријава за сега не размислуваат туку само подготвуваат писмено известување за настанот кое ќе го испратат до обвинителството. Дали ќе се бара некаква одговорност и од кого за сега нема одговор ниту од обвинителството. Од синдикатот на камионџиите пак ќе ја тужат општината за незаконско одземање на земјата на која се случи инцидентот.

Билјана Николовска

Веста е прочитана 2531 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.