Неуспехот на преговорите за формирање влада предизвика ретка политичка криза во Германија

21 November, 2017 - 13:53

Најголемата политичка криза во кариерата на Ангела Меркел е оценката на сите политички анализи за пропаѓањето на преговорите за формирање нова влада. Неуспехот да се обебзеди парламентрано мнозинство и стабилна влада предизвикува необичен потрес во досега политички и економски најстабилната држава во Европа. По повлекувањето на слободните демократи од преговорите, распишувањето нови избори е се поизгледна опција, за што се согласува и самата Меркел.

„Немам малцинска влада во моите планови, но сега треба да почекаме неколку денови. Патот на нови избори е една опција и патот на малцинската влада е за стабилна држава. Во држава која има многу задачи кои треба да се остварат, сигурно е опција која треба да се разгледа многу, многу внимателно. Не би сакала да речам никогаш, но сум многу скептична и мислам дека нови избори би биле подобра опција“, вели таа.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнемајер денеска ќе се состане со лидерот на ФДП Кристијан Линдер и копретседателите на Зелените Симон Петер и Чем Оздемир, за да процени дали е возможно да бидат обновени трилатералните преговори за коалиција со ЦДУ и ЦСУ. Но ако се земат во предвид изјавите на Линдер мали се шансите партиите да се вратат на преговарачка маса.

„Во оваа ситуација сметавме дека е наша политичка одговорност да не влеземе во владата туку дополнитено да ја поддржиме и стимулираме демократската разновидност во нашата земја. И тоа го најавивме одамна а исто така и на редовна основа. Сакавме промена на политиките, но тоа во овие околности не беше возможно“, вели Линдер.

Се очекува жестока расправа во германскиот Парламент, предводена од десничарската Алтернатива за Германија која ќе се обиде да го искористи неуспехот на преговорите што беа водени меѓу Христијанско-демократска унија, нејзината сестринска Христијанско-социјалната унија, Слободната демократска партија и Зелените.

Кризата, до која дојде само седум недели по парламентарните избори, во извесна смисла го покажува падот на влијанието на Меркел на внатрешен план по 12 години минати на канцеларската функција. За тоа меѓу другото придонесе и нејзиниот став за бегалската криза од 2015 година како и децениската доминација која според весникот „Велт“ предизвика деполитизација на политиката во Германија.

Игор Трајков

Веста е прочитана 645 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.