Неколку дена по собраниски насилства –Чавков заминал од позицијата координатор за реформи на тајните служби

17 July, 2017 - 16:19

На почетокот на мај, кога Митко Чавков како директор на БЈБ на МВР си побара законски предвремена пензија и отиде на одмор, тој ја напуштил и позицијата координатор на националниот проект „Консолидација на безбедносниот систем во Република Македонија“. Претходно министерот Агим Нухиу побара од владата разрешување на Чавков од директорската позиција поради неговата улога во собраниските насилства на 27-ми април.

Од владата потврдија дека Чавков не е ангажиран на проектот со кој согласно извештајот на Прибе требаше да се направат реформи на тајните служби и да се спречи нивна злоупотреба во политичко-партиски цели.

-Поранешниот директор на БЈБ има поднесено барање за пензија кое се процесира. Тој не е повеќе Координатор на проектот. Нов координатор не е назначен се уште, а тоа ќе се случи во наредниов период. Целосната документација се наоѓа во кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ни одговорија од владата.

Лани во октомври Чавков беше избран за координатор од претходниот премиер Емил Димитриев. Иако УБК имаше директор (Владимир Атанасовски), Димитриев одлучи позицијата да ја добие Митко Чавков. Досега нема информации до каде е работата на проектот и какви активности се преземени од координаторот Чавков и по неговото заминување.

Митко Чавков уште е вработен во МВР, потврдија од Министерството. На 5-ти јули го отпочнал одморот (ги користи преостанатите денови од годинешниот одмор). Одморот му завршува на 3-ти август по што ќе замине во пензија за која ги исполни условите пред 2 години. Како полицаец и вработен во МВР, може да оди во пензија и пред навршување на условите за старосна пензија (64-годишна возраст) поради бенефицираниот стаж.

Истрагата на Обвинителството за организиран криминал успеа да лоцира каде се наоѓал Чавков додека траеја насилствата во Собранието на 27-ми април кога не комуницирал со министерот Нухиу. Чавков бил во центарот на Скопје на стотина метри од местото на инцидентот.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 5024 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.