Недостиг на квалитетни книжевни преводи

8 October, 2017 - 16:17

Зголемената продукција на книжевни преводи секојдневно го отвора горливото прашање за нивниот дискутабилен квалитет. Се покажува дека добриот преведувач мора да го владее мајчиниот јазик многу подобро или барем исто толку колку јазикот од кој што преведува, вели професорот Симон Саздов.

„Ние да речеме имаме во нашава држава лиценцирани лектори, меѓутоа не и преведувачи. Излегува дека секој може да преведува за разлика од состојбава со лекториве каде што не може секој да лекторира. Мислам дека тоа е нешто на кое треба се обрне внимание“, кажа проф. д-р Симон Саздов, Филолошки факултет „Блаже Конески.

Големата книжевна продукција и малиот пазар се најчесто причина за ваквата состојба во преводната дејност кај нас.

„Мал е пазарот и има голема конкуренција кај издавачите и тие се борат да го освојат пазарот на секој можен начин. Затоа се борат да ги намалат стандардите, само за да издадат и понудат книга со пониска цена“, смета доц. д-р Милан Дамјаноски, Филолошки факултет Блаже Конески.

Државата како главен финансиер за големите преведувакчи проекти  има голема улога во воспоставување јасни критериуми кои ќе резултираат со квалитетни преводи. Затоа во изминативе години т.н „најповолна понуда“ во финансиска смисла многу често резултираше со лош превод, вели Дамјаноски.

„Некои од издавачките куќи или преведувачки агенции кои веќе ангажирале со не толку добар квалитет, но кои веќе превеле повеќе книги веќе имаа предност во однос на квалитетни преведувачи кои одбиваа да работат заради лошите услови роковите и ниската цена на пазарот на преводот“, додаде доц. д-р Милан Дамјаноски од Филолошки факултет Блаже Конески.

„Најсуштинскиот проблем кај нас е временскиот теснец во кој по правило се изведуваат сите овие преводни активности без разлика дали станува збор за некој голем проект или просто индивидуален превод на конкретна книга. Во таа смисла не им се дава доволно време ниту на преведувачите, ниту на лекторите“, изјави проф. д-р Симон Саздов, Филолошки факултет Блаже Конески.

Секој јазик има искуствена основа, затоа е потребна и адаптација доколку не ја земете неа предвид, преводот делува вештачки, што е најчест случај со буквалниот превод кој оди на штета на мајчиниот јазик, но и на авторот и книжевното дело кое се преведува, заклучува Саздов.  

Нина Стефанова

Веста е прочитана 618 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.