Недостиг на домашна литература за деца

5 March, 2017 - 16:07

Литературата за деца е ставена на маргините со години наназад, затоа се соочуваме со ситуации во кои имаме дилема дали домашната понуда е доволно привлечна за најмладите доколку споредите со странските изданија на кои работат цели тимови на писатели и илустратори. Застрашувачки е мал бројот на млади македонски писатели кои се одлучуваат да пишуваат и објавуваат книги за деца, вели писателот и книжевен критичар Владимир Јанковски.

„Ако се види годишната програма т.е годишната продукција на издавачките куќи ќе се види дека главно од домашните автори преовладуваат оние автори што во седумдесетите, осумдесетите или деведесетите беа класици во литерарурата за деца“, вели писателот и книжевен критичар Владимир Јанковски.

Новите читатели треба да се создаваат во дослух со новото време и современиот начин на живеење. Со цела почит кон сето тоа што го создале досега домашните писатели, сепак новите трендови му даваат можност на детето само да ја креира приказната на книжевен и визуелен план во потрага по нови сознанија.

„Не можете вие да очекувате од еден седумдесет годишен писател колку и да е добар и квалитетен да зборува за детскиот свет со денешните таблети, компјутери и компјутерска комуникација, на оној начин на кој што ќе зборува некој којшто тоа го живеел или е составен дел од тоа.  Сликовниците во коишто преку компјутерски, условно кажано, софтвери самото ја создава приказната, само влегува во приказната, самото го создава книжевното или уметничкото дело, што е огромно важен чин кога станува збор за литературата за деца“, додава Јанковски.

Во странските изданија веднаш ќе забележите дека писателот и илустраторот се подеднакво важни, бидејќи дијалогот меѓу сликата и текстот се клучни на кој начин детето го перцепира светот и како го чита. За жал, до нас не допираат ваквите светски трендови и резултатите ќе бидат погубни во повеќе сфери на културното и општественото дејствување. 

Нина Стефанова

Веста е прочитана 1212 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.